Избор На кафе со... Охрид ТОП ВЕСТИ

Думбалоска Делова: Преку пливањето децата учат за еден здрав и забавен спорт

Охрид, 20. јуни 2019 (ОХРИДПРЕС) – За бенефитите од пливањето кај децата во развој, за „златните“ години на пливањето како спортска дисциплина во Охрид, за новата сезона на пливачката школа „Делфини 2012“, денес во емисијата Radio Corner на Супер радио зборувавме професоракта Соња Думбалоска Делова, основач и инструктор на школата „Делфини 2012“ и Миле Јовановски, инструктор по пливање.

Супер радио: Kога е најдобро дечињата да почнат со часови по пливање?

Думбалоска Делова: Дечињата треба да почнат со часови по пливање после петтата година. За почетокот треба тоа да го прават со помагала, а потоа да прават мали вежби во вода. Во работата со малите дечиња, особено треба да се внимава и на психолошкиот аспект, односно ние треба да го ослободиме нивниот природен страв, веќе потоа може да очекуваме правилно да се држат на вода и да ги совладуваат техниките на пливање.

Супер радио: Какви се бенефитите од пливањето децата во развој?

Думбалоска Делова: Во текот на пливањето се активира многу поголема група мускули од оние кои се активираат преку секојдневните детски активности, а тоа директно влијае на развојот на мозокот. Младите пливачи учат како да ги разберат специфичните инструкции и учат како да изведуваат сложени движења во вода. Преку пливањето децата учат за еден здрав и забавен спорт кој ќе им овозможи когнитивна предност и способност во иднина полесно да се изборат со кој било школски проблем.

Image may contain: 3 people, people sitting

Супер радио: Вие сте основач и инструктор во школата за пливање „Делфини 2012“. Со каква цел пред 8 години ја формиравте школата?

Думбалоска Делова: Како град покрај езеро, сметав дека нужно е постоењето на пливачка школа во која децата ќе можат правилно да ги совладаат и доусовршуваат техниките на пливање, а основна цел ми беше да научам што повеќе дечиња да пливаат. Тоа ми беше овозможено од ЈП „Билјанини извори“ каде на градскиот базен „Атина Бојаџи“ се одвиваат часовите, во периодот од 09:00 до 14:00 часот.

Супер радио: Уписите во школата се отпочнати. Кога започнувате со практичните часови и како да Ви се придружат нови членови?

Јовановски: До крајот на овој месец вршиме уписи и пререгистрација на старите членови, а часовите започнуваат од јули. Сите се добродојдени, пливањето не препознава возрасни категории, но ако ме прашувате која е најраната возраст кога е најдобро да се почне со основите на пливањето, би рекол од 5-6 годишна возраст. Заинтересираните може да се пријават на отворениот базен при ЈП „Билјанини извори“ секој ден од понеделник до петок, во периодот од 09:00 до 14:00 часот, или на телефонскиот број 071/251 904. Групите и термините за тренинзи ќе бидат дополнително утврдени.

Image may contain: 1 person, sitting and table

Супер радио: Повеќе интерес има од оние кои сакаат да научат да пливаат или оние кои сакаат да ги доусовршат техниките?

Јовановски: Во школата подеденаков е бројот на дечиња кои сакаат да научат да пливаат и оние другите кои ги усовршуваат техниките. Има и такви кои доаѓаат по препорака на доктор, поради одредени деформитети, кои се резултат на модерниот „пасивен“ начин на живот. Но пред се’ сите се дружат, се рекреираат и се забавуваат.

Супер радио: Вие, заедно со Снеже Групче, сте првите победници на Охридскиот пливачки маратон, кога за прв пат е воведена женската конкуренција. Го скршивте мразот, какви беа реакциите во тоа време?

Думбалоска Делова: Да, тоа беше 1972-рата година кога за прв пат беше воведена женската конкуренција на Охридскиот пливачки маратон. Да, реакции имаше и се сеќавам дека тогаш на мене гледаа како „машкуданка“, зошто во тоа време не беше вообичаено жените да се натпреваруваат во пливање.

Супер радио: Марко Пејчиноски е младото 12 годишно момче кое лани го преплива Охридското Езеро. Марко ги научи техниките на пливање токму во школата „Делфини 2012“?

Јовановски: Марко беше наш ученик пред 3-4 години, за негова 8-9 годишна возраст покажуваше извонредна психо-физичка подготвеност и кондиција. Преку брзиот прогрес на совладување на техниките на пливање, лесно го насетивме неговиот талент. Со неговиот здравствен проблем, но и со исклучитена мотивација, успеа да го преплива езерото од Св. Наум до Пристаниште.

Image may contain: 4 people, people smiling, people standing and sunglasses

Супер радио: Веројатно во Вашата кариера како инструктор сте се сретнале и со други талентирани дечиња. Во услови на непостоење на затоврен базен за тренирање во секакви временски услови, што може да се очекува од таквите таленти?

Јовановски: Ние препознаваме потенцијал во дечињата, но за жал кога се нема континуитет во работата, никој не може да гарантира понатамошен успех. За време на летните месеци ќе постигнеме некое ниво, но со огромна стагнација од 9-10 месеци невозможно е реултатот да е врвен. Да, во моментов, за жал, непостоењето на затворен базен во Охрид претставуа најголем проблем за пливањето како спортска дисциплина, но да се надеваме дека во најскоро време тоа ќе се реши, бидејќи продолжија градежните активности околу новиот затворен базен во рамки на ЈП „Билјанини извори“.

Супер радио: Зад Вас се огромно искуство и долгогодишна кариера, пред крај, според Вам кои беа „златните“ години на пливањето во Охрид?

Думбалоска Делова: Тоа беа 70-тите години, поточно од 72-ра, до75-тата година. Во тоа време јас во езеро тренирав два пати дневно, претпладне и поладне. Многу често се натпреварувавме кај Кејот, а јас во тоа време бев најмлада меѓу сите кои пливаа. Ги гледав постарите, учев и се трудев да пливам најдобро што можам и умеам. Во тоа време за да не се разочарам, г-нот Леко Радиќ, ми велеше да е се натпреварувам со постарите, за да не бидам меѓу последните, но јас бев многу упорна, напорно тренирав и почнав да покажувам подобри резултати дури и од постарите.

Image result for Sky Corner Ohrid

Емисијата Radio Corner се емитува секој работен ден од 12:00 до 14:00 во живо од Sky Corner. Водител е Александра Алексијевска. (Крај)

извор: ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука

Слични објави