Охрид, 30. јуни 2019 (ОХРИДПРЕС) – Претседателот на Големото народно собрание на Турција, Мустафа Шентоп во рамките на посетата на Македонија престојуваше и во Охрид, јави Anadolu Agency.
Шентоп во Охрид ги посети текето Зејнел Абидин и „Али паша“ џамијата која се реставрира од страна на Генералната дирекција на фондации на Турција, канцеларијата на муфтијата на Охрид, Одборот за заштита на културното и природното наследство на Охрид и Музејот на град Охрид.
– Реставрацијата на џамијата „Али-паша“ во Охрид започна во мај 2017 година и е спроведена со поддршка на Генералната дирекција на фондации на Турција, канцеларијата на муфтијата на Охрид, Одборот за заштита на културното и природното наследство на Охрид и Музејот на град Охрид. Работата на реставрацијата беше запрена откако беа организирани протести од некои организации во Охрид, со тврдење дека минарето ќе биде изградено повисоко од оригиналното. Тогашниот министер за култура Роберт Алаѓозовски, во декември истата година, по средбата со директорите на културните институции во Охрид, соопшти дека реставрацијата на петвековната џамија е запрена по реакцијата од страна на организациите во Охрид. Во рамките на процесот на оваа тема, Министерството за култура формираше работна група чии резултати се предадени на преглед на УНЕСКО. Откако процесот на реставрација мина низ одредени фази, таа продолжи без проблеми, објави Anadolu Agency.
Градењето на минарето на џамијата предизвика сериозни реакции во охридската, но и македонската јавност. Здружението „Совест“ организираше и протест пред зградата на општина Охрид, на кој ги изнесе ставовите и доказите кои упатуваат на бројни нерегуларности при изградбата на овој објект. Според нив се работи за реконстррукција на дивоградба, без почитување на сите неопходно процедури за изведување на ваков тип на градежни активности.
Турската амбасадорка во Македонија Тулин Еркал Кара неодамна ја посети Алипашината џамија и најави дека претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган ќе допатува на свеченоста по повод промовирањето на реконструираниот верски објект. Таа уште истакна дека се работи на усогласување на терминот со македонските власти за присуство на свеченото отворање на обновената џамија.
– На претседателот Ердоган му беше сон реставрирањето на објектот. Република Турција и Македонија се братски држави. Турција преку агенцијата Тика и вакавското здружение има реновирано повеќе објекти во Македонија. Нашето пријателство е засекогаш и долгорочно, изјави амбасадорот Кара.
Таа уште нагласи оти не гледа ништо спорно во реконструкцијата, односно оти било испочитувано сѐ што било договорено помеѓу двете држави во врска со реконструкцијата на верскиот објект. (Крај)
извор: Anadolu Agency/ОхридПрес фото: Anadolu Agency/ОхридПрес