Охрид, 30. јуни 2019 (ОХРИДПРЕС) – Во организација на клубот „Primo Racing“ и општините Охрид и Ресен, по пауза од 40 години, утрово започна Меѓународното Авто рели „Охрид, две езера“.
Станува збор за настан кој е од меѓународен карактер и се бодува за Шампионатот на Централна Европска Зона, на кој ќе земат учество повеќе од 30 екипи од неколку држави од Европа.
– Особено ме радува фактот што на ова авто-рели учество ќе земат повеќе од 30 екипи од неколку европски земји, кои ќе имаат несекојдневна можност да уживаат во рутата на движење, која ќе се одвива низ нашиот прекрасен Охрид, преку падините на преубавата Галичица, па се до селото Стење во Преспа. Ова е еден од најубавите предели во нашата замја, со прекрасни панорами над Охридското и Преспанското Езеро и уникатни пејзажи во кои е испреплетено природното и културното богатство. Затоа сум убеден дека ова рели, за сите учесници ќе донесе едно неповторливо адреналинско доживување и незаборавно искуство, кое долго ќе го паметат, истакна вчера на отворањето градоначалникот на Охрид, д-р Константин Георгиески.
Стартот и целта на трката се на Кеј „Македонија“, а рутата на движење е преку Галичица до Стење со посебни специјални испити во должина од 65 км и вкупна должина на релито од 215 км. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: Љупчо Илиевски