Скопје/Охрид, 1. јули 2019 (ОХРИДПРЕС) – Владина делегација, предводена од министерот без ресор Едмонд Адеми учествува на 43-тата сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО во Баку, Азербејџан, на која ќе се дискутира за состојбата со природното и културното наследство во Охридскиот регион.
Во делегацијата се и заменик министерот за надворешни работи Андреј Жерновски и градоначалникот на Охрид, Константин Георгиевски.
Предвидени се средби со високи претставници на Центарот за светско наследство на УНЕСКО, со делегациите на земјите членки меѓу кои Кина, Бразил, Босна и Херцеговина, како и со претседавачот на Комитетот д-р Абулфас Гарајев, министер за култура на Азербејџан.
Нашите претставници ќе остварат средби и со колегите од Република Албанија, во насока на заедничко делување и управување со Охридското Езеро и неговото опкружување.
– За време на 43-тата сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО , Владата на Република Македонија ќе го нагласи и афирмира ставот дека е комплетно посветена на зачувување на статусот на Светско културно наследство на Охридскиот регион, кој не ѝ припаѓа само на Македонија, туку на целиот свет, велат од владината прес служба. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива