Здравје Избор Охрид ТОП ВЕСТИ

Топлотен бран ја зафати Македонија, температурите ќе достигнат и до 40. степени

Охрид/Скопје, 1. јули 2019 (ОХРИДПРЕС) – До среда земјава ќе биде зафатена со температури од жолта, алертна, фаза.

Според информациите од Управата за хидрометеоролошки работи, под влијание на топол бран утре и задутре максималните температури насекаде ќе бидат над 30, а на повеќе места ќе надминат и 35 степени.

Зголемената влажност на воздухот ќе придонесе да се има чувство дека температурите се повисоки од измерените. Од среда до петок во попладневите часови ќе има услови за локален пороен дожд и грмежи.

Од Министерството за здравство излегоа со препораки до граѓаните за заштита од високите температури: да избегнуваат престој на отворено во периодот од 11:00 до 17:00 часот, да носат светла и лесна облека, а при директна изложеност на сонце да носат заштитни очила и капа (светлите бои ја рефлектираат светлината), консумирање лесна храна и течности, посебно да се внимава при подготовка и консумирање на храната, како и да избегнуваат термички необработени производи, на пример мајонези од домашни јајца и внимателно да се консумира сладолед и разни кремови.

Исто така, потребно е внесување поголемо количество течности, најдобро обична вода за пиење, а да се избегнуваат алкохолните пијалаци. При влегување во возило, потребно е тоа одреден период да се проветри. Во текот на ваквите екстремно топли денови, министерството препорачува да останете во затворени простории, пред сè климатизирани, а при неопходен престој на отворен простор во овој период, да се најде можност за почести одмори под сенка.

На хронично болните лица им се препорачува редовно земање на пропишаната терапија. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука