Здравје ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

Македонија во жолта фаза со температури до 40 степени: Препораки за справување со топлото време

Охрид, 2. јули 2019 (ОХРИДПРЕС) – Граѓаните да ги почитуваат општите препораки за заштита од високите температури со оглед на најавите дека Македонија до четврток ќе биде зафатена од жолта (алертна) фаза со температури до 40. степени.

Носење светла и лесна облека, заштитни очила и капа, престој во затворени, климатизирани простории или почести одмори под сенка доколку се излегува надвор, внесување помало количество храна, претежно овошје и зеленчук, а помалку маснотии, пиење повеќе течности, најдобро обична вода, и избегнување алкохолни пијалаци,…, се само некои од препораките на лекарите кои посебно нагласуваат дека хронично болните лица треба редовно да ја земаат препишаната терапија.

Исто така, возилата, одредено време пред влегување во нив, да се проветрат.

Поради високите температури и зголемената можност од појава на труења со храна и цревни заразни заболувања, се препорачува задолжително миење на земјоделско-градинарските производи (свеж зеленчук и овошје), како и термичка подготовка на храната и нејзино консумирање во многу кус рок по подготовката (доколку тоа не се направи, подготвената храна да се стави во фрижидер на +8 степени, а пред употреба истата да се загрее на + 100 степени). Се препорачува да се избегнува консумирање производи кои не се термички обработени (мајонез од домашни јајца), а внимателно да се консумираат и сладолед и разни кремови.

Во Охрид денес сончево време со температура до 32. степени

Според информациите од Управата за хидрометеоролошки работи, денеска и утре максималните температури на повеќе места ќе надминат и 35 степени. Се очекува температурите утре да достигнат и до 40 степени. УВ индексот ќе биде 9. Зголемената влажност на воздухот ќе придонесе да се има чувство дека температурите се повисоки од измерените. Од утре до петок во попладневите часови ќе има услови за локален пороен дожд и грмежи.

Од Министерството за здравство апелираат граѓаните да ги почитуваат општите препораки за заштита од високите температури, односно да се заштитат од директна сончева изложеност, да избегнуваат престој на отворено во периодот од 11:00 до 17:00 часот, да носат светла и лесна облека, а при директна изложеност на сонце да носат заштитни очила и капа (светлите бои ја рефлектираат светлината), да консумираат лесна храна и течности, посебно да внимаваат при подготовка и консумирање на храната, да избегнуваат термички необработени производи, на пример мајонези од домашни јајца, внимателно да консумираат сладолед и разни кремови, да внесуваат поголемо количество течности, најдобро обична вода за пиење, да избегнуваат алкохолни пијалаци, а при влегување во возило треба одреден период да го проветрат. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука

Слични објави