ЕКОЛОГИЈА Избор Охрид ТОП ВЕСТИ

Охрид SOS: Од решавањето на проблемот со дивоградбите ќе зависи дали Охрид ќе биде во УНЕСКО

Охрид, 2. јули 2019 (ОХРИДПРЕС) – Централната и локалната власт не направија ништо за зачувавање на статусот Охрид град на УНЕСКО.

Од 19-те препораки што државата требаше да ги исполни за Охрид и Охридското Езеро да не бидат ставени на листата на загрозени подрачја исполнети се само три точки, реагира невладината организација Охрид SOS.

На 43. Сесија на Комитетот за културно наследство што деновиве се одржува во Баку, македонската делегација, како што информира Трајче Талески, престставник од Охрид SOS, ќе побара одложување на рокот за реализација на препораките до февруари идната година.

– Во Баку ќе бараме да ни се одложи до февруари да се изреализираат сите законски или политички одлуки кои требаше да се донесат. Тоа требаше да се донесе уште во 2017 година, но ние сакаме да доцниме со тоа и 2020 да ги донесеме. Тоа многу погрешен пристап кон целата проблематика, треба да се делува брзо и едноставно и ригорозно да се постапува со се што не донело до таквата ситуација, истакна Талески.

Забележа дека изминатите 15-тина години институциите затаиле во однос на заштитата на Охрид и езерото. Смета дека од одлуката на централната и локланата власт за рушење на дивоградбите ќе зависи дали ќе бидеме во УНЕСКО или не. Неговите очекувања се дека Охрид и Охридското Езеро ќе бидат ставени на листата на загрозени подрачја, што смета дека и не е толку лошо, надевајќи се дека ќе се освестиме со што располагаме и како треба да се однесуваме.

– Повеќе од две години укажуваме дека на Охрид може да му се случи ова што моментално му се случува, односно дека ќе биде ставено на листата на загрозени подрачја. И тоа се случи, а сега се бараат решенија. Мислам дека е премногу доцна да се бара решенија кои би биле поволни за Македонија. Нашите очекувања се дека Охридскиот регион, градот Охрид и Охридското Езеро ќе бидат ставени на листата на загрозени подрачја што во крајна линија и не е лошо. Со ваква интервенција на УНЕСКО ние ќе се свестиме со што расоплагаме и како треба да се менаџира овој простор, вели Талески. (Крај)

извор: 1тв фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука

Слични објави