Охрид, 5. јули 2019 (ОХРИДПРЕС) – Триесет и тригодишната Јана Арсовска од Охрид боледува од адултен неуробластом, опасен малиген тумор, од кој заболува само едно во десет милиони луѓе. Се работи за агресивен канцер, кој после година дена повторно ѝ се врати.
По четири години борба, на Јана ѝ е одбиена државна нега, додека сè уште ги очекува резултатите од биопсијата за тоа дали и по третпат ќе треба да се соочи со сè.
Многу интересна вест ме разбуди утрово, за неверување… Имав поднесено документи за нега да земам од државава на следна основа, а и ми следува:
2015 – дијагностицирана со адултен неуробластом на 29 години детска дијагноза, опасен малиген тумор за кого нема протокол официјален за возрасни. Примени 7 опасни хемотерапии + 10 дена строга изолација за MIBG терапија што во МК не постои + трансплантација на матични клетки (исклучително тежок период, месец дена изолација).
Потоа следуваат контроли, но се работи за агресивен канцер и после година дена болеста ми се врати.
Следува: 4 циклуси нови хемо + радиотерапија (и денес имам нус појави, ужасен дерматит/изгореници на десната нога, лимфен едем и со месеци одам со штаки) + втора трансплантација на матични клетки.
Следен чекор се предлага имунотерапија, еден циклус чини околу 80 000 евра… + месеци во Германија, далеку од дома, од најблиските + панични напади + страв + пропуштам втора сезона да не ја работам поради нус појави кои не се воопшто наивни!
И така, јас како човек со две трансплантации во година дена, неспособна за работа сеуште, што чекам резултати од биопсија во страв да не биде коскената срцевина уништена од ударно зрачење, МЕ ОДБИВААТ ЗА НЕГА! Мене, што 4 години од животов ги поминувам во болници.
Не се жалам за тоа, таков пат ми одредил Бог и тој ќе ми даде сила за напред. Ќе водам јас уште многу тури, но сега, во овој момент за прв пат ВИСТИНСКИ чувствувам потреба да си заминам од тука. Македонијо, моја земјо прекрасна, те сакам бескрајно, но ако даде Бог ќе те напуштам. Амбициозна сум, зборам неколку странски јазици, вредна… само да оздравам и би сакала да заминам во некоја друга земја, можеби поправедна! Барем се надевам!!!
Ве сакам другарчиња, нека Бог ве чува сите, па и мене. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива