ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

Георгиески: Охридскиот регион нема да биде впишан во Листата на Светско наследство во опасност

Баку/Охрид, 5. јули 2019 (ОХРИДПРЕС) – Почитувани, со големо задоволство сакам да Ве информирам дека Комитетот на светско наследство на УНЕСКО на својата 43-та сесија која се одржува во Баку, Азербејџан, денеска официјално одлучи Охридскиот регион да не биде впишан во Листата на Светско наследство во опасност, објави градоначалникот на Охрид, д-р Константин Георгиески на неговиот официјален профил на Facebook.

– Оваа одлука се заснова на констатираниот напредокот во реализацијата на препораките од мониторинг мисијата на УНЕСКО од 2017 година и нашите заложби за успешноста на овој процес. Доделен ни е дополнителен рок за реализација на останатите препораки, а нашиот регион ќе биде на дневен ред и на 44-та сесија на Комитетот за светско наследство во 2020 година. Повеќе детали за ова тема ќе соопштиме официјално, по моето пристигнување во Охрид. Ја очекувам Вашата поддршка во целокупниот процес, напомена Георгиески.

Со тоа, како што и вчера беше објавено неофицијално, УНЕСКО му даде уште една шанса на Охрид. Одговорните имаат време до први февруари да ги исполни сите 19 препораки или во спротивно на слесдната сесија во јули ќе заврши на листата загрозени подрачја. Одлуката беше донесена попладнево на сесијата во Баку и подразбира мораториум на секакви урбани трансформации на брегот на езерото, уривање на дивоградбите, изработка на детална анализа за состојбите во регионот и ревиталзација на колекторскиот систем. Истите препораки важат и за албанската страна од езерото. На сесијата во Баку повеќето земји учесници гласаа за да му се даде дополнителен рок на градот иако сите се согласија дека властите стагнирале во исполнување на препораките за заштита на регионот. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука

Слични објави