Избор ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

Георгиески: До февруари треба да доставиме извештај за напредок по препораките

Охрид, 8. јули 2019 (ОХРИДПРЕС) – Ќе се продолжи со исполнување на препораките дадени од УНЕСКО, a досегашниот напредок и преземените чекори беа поздравени од Комисијата, рече градоначалникот на Охрид, д-р Константин Георгиески по враќањето од состанокот во Баку, Азербејџан.

Она што го потенцира од сесијата е фактот на еднострана комуникација помеѓу комитетот и државните институции, поради што голем дел од информациите не беа стигани до членовите или не беа соодветно пренесени.

– Првата реактивна мисија на УНЕСКО се случи во 1998 година, втората во 2013-та и третата во 2017-та. Во сите мисии се нотирани забелешки по кои од сите влади, без исклучлок, несоодветно се постапувано, што резултираше со предлог од комитетот охридско-струшкиот регион да биде ставен на листата светско наследство во опасност. До февруари 2020 година треба да доставиме извештај за напредок по препораките, а на 44-та сесија во јули да се разгледува едногодишниот напредок по спроведување на забелешките, вели Георгиески и додаде дека УНЕСКО не бара од нас сите препораки да бидат завршени до февруари.

По однос на справување со дивоградбите, Георгиески дециден дека ништо нема да се случи преку ноќ, одговорност ќе има за сите, отстапки за никого. Регистарот на дивоградби е изготвен, сега следи евалуација на влијанието врз животната средина на тие објекти кои се во заштитен појас, нешто што го бара УНЕСКО. Очекува дека по ова прашање ќе добиеме и помош од државата.

– Од сите 409 предмети кои се во заштитниот појас има тука и скали, настрешница, ограда, не се сите објекти. Според мое мислење нема повеќе од 10 објекти кои се дивоградби и прво тие ќе се отстрануваат. Има распишан тендер за отстранување на бесправно изградени објекти, но дел од објектите во центар и старо градско јадро ќе се отстрануваат од страна на државата. Општината не е способна да се справи сама со овој проблем и 1,5 милиони денари тендер за рушење на дивоградби. Ова е проблем кој ја засега и државата и треба да се погрижи за доведување во ред на состојбите кои години наназад се извадени од колосек. НП „Галичица“ сега прави посебен регистар за нивниот дел кој ќе ни го достават, ќе ги преклопиме со нашите и ќе има уште еден филтер на тие податоци, потенцира градоначалникот.

Сега клучна е изработката на план за управување со охридско-струшкиот регион, тоа се врзува со Законот за мораториум, нешто што ги интересира граѓаните кои сакаат легално да си градат.

Според Георгиески целиот проблем е во законот за легализација, таму не стои дека не се легализираат објекти во НП „Галичица“ и крајбрежјето. Проблем направила државата кога носела ист закон и за Охрид и за некои од помалите градови во земјава. Охрид требало да се третира со посебен закон и за легализиација и за се останато, смета Георгиески.

Тој подвлече дека најтешко решлива е препораката за постапување со депонијата „Буково“, која е една од ретките по која досега не е направено ништо. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука

Слични објави