Скопје, 9. јули 2019 (ОХРИДПРЕС) – Предлог-законот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот Регион денеска ќе се најде на дневен ред на собраниската Комисија за култура.
Причината за донесување нов закон е тоа што, и покрај меѓународните и националните мерки за заштита, природното и културното наследство во Охридскиот Регион и понатаму се под закана поради непланираниот урбан развој, несоодветното управување со отпадните води и цврстиот отпад, промените во живеалиштата, уништувањето или осиромашувањето на природните ресурси, развојот на инфраструктурата и интензивните туристички активности. Дополнителна и подеднаквно важна причина за донесување нов закон е тоа што постоечкиот од 2010 година низ годините покажа повеќе формални недостатоци.
Со новиот закон ќе се формира совет за управување со Охридскиот Регион кој ќе има 15 члена, вклучувајќи претседател именуван од премиерот. Советот за Охридскиот Регион одлуки ќе носи по Бадинтер, односно ќе одлучува со мнозинство гласови од вкупниот број членови на советот за Охридскиот Регион, при што мора да има мнозинство гласови од вкупниот број членови на советот за Охридскиот Регион кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во државава.
Невладината организации подолг период реагираат токму за овој дел од предлог-законот. Сметаат дека Охридскиот Регион е државен интерес бидејќи е светско наследство и нејасно е зошто е потребно Бадинтерово гласање.
– Заднината на ова барање е локалната урбана мафија да има carte blanche, односно, доколку навистина во законот се вметне таква одредба, тоа ќе значи ширум отворени врати за криминална урбанизација во целиот регион под заштита на УНЕСКО бидејќи, наместо да се усвојуваат одлуки поткрепени со стручни аргументи, исходот ќе зависи од нечија политичка волја т. е. од партиски пазар. А, тоа е недозволиво во регион кој е уникатно светско природно и културно наследство и кој е од национален интерес, реагираа уште пред два месеца од Охрид SOS.
Членовите и надворешни претставници на советот ќе бидат предложени од Министерството за животна средина, Министерството за култура, Управата за животна средина, Управата за заштита на културното наследство, општините Охрид, Струга, Дебрца. Во советот ќе има претставници и од Завод и заштита на спомениците на културата и музеј од Охрид, Хидробиолошкиот завод од Охрид и од Националниот парк Галичица. Предвидено е да членуваат и претставници од граѓанскиот сектор. Членовите ќе се избираат со правична застапеност на заедниците во земјава. Ќе има за задача да изготвува извештаи, да препорачува одредени активности и проекти, но и да го следи спроведувањето на Планот за управување со природното и културно наследство од Охридскиот Регион.
Предлог-законот ќе предизвика потреба од дополнителни финансиски средства во износ од 840 илјади денари како надомест за работата на претседателот, замениците на претседателот и членовите на советот за следење и координација на управувањето со природното и културното наследство во Охридскиот Регион и други трошоци поврзани со едногодишната работа на советот за Охридскиот Регион.
Охридскиот Регион како мешовито светско наследство е под заштита на УНЕСКО. Согласно Конвенцијата, регионот претставува ремек-дело на човековиот креативен дух, извонредно сведоштво на постојана или исчезната цивилизација, како и извонреден пример на архитектура, а дополнително и природен феномен и подрачје со исклучителна природна убавина.
Според УНЕСКО, во постоечкиот Закон за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот Регион донесен во 2010 година треба да се утврди соодветен механизам за одлучување и управување, како и да се дефинираат надлежностите и составот на Комисијата за управување со природното и културното наследство преку воспоставување вистински партиципативен пристап во управувањето со доброто, со активно вклучување на локалните заедници и граѓанските организации. Новиот закон ќе стапи во сила на осмиот ден од објавувањето во „Службен весник“.
Комплетната информација ОВДЕ. (Крај)
извор: Независен фото: ОхридПрес