Скопје, 10. јули 2019 (ОХРИДПРЕС) – Собранието денеска нема да расправа за Предлог‐ закон за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион во прво читање, бидејќи се’ уште не поминал на матичната Комисија за култура.
За Предлог‐законот вчера нешто повеќе од еден час расправаше Комисијата, по што дебатата беше прекината и беше најавено нејзино продолжување. Претседателката на Комисијата, пратеничката од владејачкото мнозинство Ирена Стефоска за МИА информираше дека денеска нема да има седница и оти дополнително ќе соопшти кога ќе продолжи.
Пратениците од власта и опозицијата имаат спротивставени ставови во врска со овој закон, а темата е особено актуелна по најавите дека Охридскиот регион може да оставен без заштитата од УНЕСКО.
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ денеска уште еднаш најави дека нема да гласа за овој закон, бидејќи, како што изјавија, тој е скандалозен.
– Со предложеното законско решеније единствено се префрла одговорноста на новиот Совет кој што треба да одлучува со бадентер што е спортивно на Уставот, рече Лашкоска и притоа ја обвини власта нема капацитет да го реши проблемот со Охрид, кој е под закана да биде избришан од листата на УНЕСКО.
УНЕСКО на Конференцијата за културно наследство што се одржува во главниот град на Азербејџан, Баку на почетокот на овој месец, даде рок до февруари следната година властите да прогласат мораториум на секакви урбани трансформации на брегот на Охридското езерото, во спротивно градот ќе се најде на листата на загрозено светско културно наследство.
Регистарот покажа дека во Охрид има вкупно 1.076 дивоградби, од кои 409 се лоцирани во заштитен појас, односно на крајбрежјето на Охридското Езеро, во Националниот парк „Галичица“ и во стариот дел на градот.
– Законот мора да важи еднакво за сите. Ако не постапи Општината, ќе постапи државата. Тоа не е само поради УНЕСКО, туку и поради законите во земјава кои треба да се почитуваат, изјави вчера премиерот Зоран Заев.
Според него, се уште можеби се гради зашто институциите треба да постапат по решението, но ако некој не го почитува решението, ќе следува кривична одговорност. (Крај)
извор: ТвНова/МИА фото: ОхридПрес