Забава ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ На кафе со... Охрид ТОП ВЕСТИ Туризам

Танески: Би сакал да се повтори атмосферата, еуфоријата и енергијата од „Долни Сарај“

Охрид, 11. јули 2019 (ОХРИДПРЕС) – Во пресрет на шпицот на летната сезона, подгответе се за интимно музичко задоволство и вистинско уживање за сите сладокусци.

Повторно е време за најголемите хитови на култната англиска четворка, во рамките на проектот NUMB – Tribute to Pink Floyd, настанот кој го одбележа минатото лето во Охрид. По „Долни Сарај“ и скопски „Епицентар“ овој пат локацијата е плажата „Cuba Libre“, во четврток, на 18-ти јули 2019 година, со почеток по 21:00 часот.

– Музиката на Pink Floyd е безвременска, ја слушаат мноштво генерации и не секој може да ја свири и отпее за да звучи како што треба. На почетокот не сметав дека е многу тешко да го доловиш пеењето Дејвид Гилмор, но се излажав. Според критиките кои ги добиваме, сметам дека како екипа сме целосно зрели и подготвени за ваков предизвик, рече Ѓоко Танески, вокал и носител на проектот NUMB – Tribute to Pink Floyd, кој беше денешен гостин во емисијата Радио Корнер на Супер радио.

Супер радио: По премиерата на сцената на „Долни Сарај“ од минатото лето, неодамна, проктот NUMB – Tribute to Pink Floyd за прв пат го претставивте и во Скопје, во летниот клуб „Епицентар“. Како поминавте на скопската премиера?

Танески: Нам ни е прекрасно кога ја свириме музиката на Pink Floyd. Си поминавме супер, ние уживавме, а очигледно уживаше и публиката, која остана до крај и сакаше да свириме уште, а тоа е најголема сатисфакција за нас. За разлика од премиерата на „Долни Сарај“ во Охрид, изведбата во Скопје беше клупска и го немаше визуелниот момент, оние визуелизации по кои Pink Floyd се препознатливи, но сепак присутната енергија од публиката беше извонредна.

Супер радио: Репертоарот верувам беше ист, но не верувам дека атмосферата беше иста, бидејќи отворен простор покрај езеро никогаш не може да се споредува со друг. Престојниот ќе биде трет концерт, а повторно се одлучивте тоа да се случи покрај езеро на отворено. За кога и каде е закажан концертот?

Image may contain: 1 person, smiling, standing

Танески: Верувам дека и овој пат ќе имаме прилично голема посетеност и на плажата Cuba Libre, како што тоа беше лани на „Долни Сарај“. Искрено би сакал, но не знам дали некогаш ќе се повтори атмосферата, еуфоријата и енергијата од „Долни Сарај“. Но, секој нов настан како концерт си носи своја убавина. Ги покануваме сите фанови и обожаватели на музикатa на Pink Floyd во наша изведба да ни се придружат на 18-ти јули, на плажата Cuba Libre, со почеток во 21:00 часот, кога повторно ќе ги отсвириме најголемите хитови на култната англиска четворка.

Супер радио: Вие сте носител на овој проект, но екипата која го реализира е поголема. Кој се е вклучен во него?

Танески: Зад проектот NUMB – Tribute to Pink Floyd стои екипа од 11 музичари од Охрид и Струга: Димитри Алчев (гитара и вокал), Анатоли Арнаудоски (гитара), Ѓорѓи Калајџиевски (тапани), Владомир Кречоски (бас гитара), Никола Јосифоски (клавијатури), Ангелко Јовчески (перкусии), Горан Папазоски (саксофон), Ѓоко Танески (вокал) и Ана Костадиновска, Сара Николовска и Весна Илиќ Павловска како пратечки вокали.

Image may contain: 2 people, people sitting

Супер радио: Колку чинат билетите и каде се продават?

Танески: Билетите по рекламна цена од само 300 денари се продаваат во сите „Тамаро“ маркети во Охрид и Струга, Music Shop ZZ Top, тезга „Аждер“ градска чаршија и плажата Cuba Libre. Цената на билетите на врата, вечерта на самиот настан ќе биде 400 денари. Би сакал да апелирам до оние кои планираат да присуствуваат на концерот, оние кои ќе купат билети задолжително да ја посетат и Фејсбук страната Cuba Libre за да се запознаат во врска со понудите, меѓу кои има и такви со резервација на маса.

Супер радио: Колкав предизвик во кариерата на еден пејач е да се стави во улога да ја интерпретира музиката на Pink Floyd, бенд кој го одбележа музичкиот карактер и даде насока на една цела генерација?

Танески: Музиката на Pink Floyd е безвремена, ја слушаат мноштво генерации и не секој може да ја свири и отпее за да звучи како што треба. На почетокот не сметав дека е многу тешко да го доловиш пеењето на Дејвид Гилмор, но се излажав. Според критиките кои ги добиваме, сметам дека како екипа сме целосно зрели и подготвени за ваков предизвик. Но, и оној другиот аспект, организацијата ни е многу важен сегмент и целиме да помине во најдобар ред. И овој пат преку концертот ќе обезбедиме максимално музичко уживање, со добро светло и звук, но како што знаете музиката на Pink Floyd не е само музика за слушање, туку и за гледање, мислам на оние нивни препознатливи визеулизации кои ќе бидат комплетно надополнување на атмосферата во Cuba Libre.

Image may contain: one or more people, people on stage and text

Супер радио: Тлее ли во екипата желба во иднина да направите нов tribute на некој друг култен бенд?

Танески: Имаше идеи и разговори меѓу нас околу на таа тема и разговаравме околу идеата за Tribute на Led Zeppelin. Ќе ни биде огромно задоволство тоа да го реализраме, но во овој момент најважно ни е и сконцентриран сме на тековниот настан. Се надевам дека можеби догодина или следната ќе успееме да го реализаме и тоа, а желба ни е повторно премерата во Охрид да биде на „Долни Сарај“.

Супер радио: „Тој што во срце те носи“ е Вашата последна песна во соло кариерата. Работите на нешто ново, или тоа е сработено и чека на летна промоција?

Танески: Работам на нешто ново и малку поинакво од она што до сега сум го работел. Станува збор за малку поинаква музика, за која соработувам со Никола Мицески. Она што сега можам да го откријам е дека станува збор за етно музика, нешто многу поразлично од она што до сега сум го работел. Наскоро ќе биде и промоцијата на песната за која се снима спот со режисерот Даниел Јовески.

Image result for Sky Corner Ohrid

Емисијата Radio Corner се емитува секој работен ден од 12:00 до 14:00 во живо од Sky Corner. Водител е Александра Алексијевска. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука

Слични објави