ЕКОЛОГИЈА Избор Општина Дебрца ТОП ВЕСТИ

Обука за зачувување и одржлив развој на Белчишко Блато (Сини Вирој)

Белчишта, 13. јули 2019 (ОХРИДПРЕС) – Вчера во општина Дебрца се одржа обука за зачувување и одржлив развој на Белчишко Блато (Сини Вирој).

Обуката е во рамките на проектот „Подобрување на управувањето и одржливо користење на Белчишко Блато (Сини Вирој)“, кој го спроведува здружението „Екотуризам 2016“ и канцеларијата на UNDP, Скопје а финансиран од ЕУ со поддршка на Министерството за животна средина и просторно планирање.

На обуката присуствуваа претставници од општина Дебрца и засегнати чинители од областа на блатото. Проектниот раководител Ѓоко Зороски и градоначалникот на општина Дебрца Зоран Ногачески истакнаа дека општината го трасира патот за прогласување на блатото за заштитено подрачје.

За тоа како се селектираат потенцијални Натура 2000 подрачја и предизвици и бенефити од европската мрежа Натура 2000 во контекст на земјоделството, шумарството, сточарството и туризмот, говореше експертот Богољуб Стеријовски. За земјоделските практики за одржливо управување со земјиштето и користење на природните ресурси во областа на блатото, стручно предавање одржа проф. д-р Сузана Јордановска.

Обуката е дел од проектните активности кои меѓу другото опфаќаат изградба на туристичка инфраструктура на блатото, мониторинг на заштитени видови од флората и фауната од блатото, изработка на студии, документарен филм, веб страница и кампања за придобивките од Белчишкото Блато од туристички и истражувачки активности. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука

Слични објави