Избор Македонија ТОП ВЕСТИ Хроника

Кај Боки 13 запленети се брендирана облека, накит и уметнички дела, кај Зоран Кически имало и оружје

Скопје, 16. јули 2019 (ОХРИДПРЕС) – Тим на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во соработка со МВР до раните утрински часови прибирал материјални докази поврзани со истрагата која вчера ја отворија, соопштија од обвинителството.

Направен е претрес во станот на Бојан Јовановски – Боки 13, кој е првоосомничен, и во домот на неговите родители, како и во канцеларијата што ја користел во 1ТВ. И кај второосомничениот, Зоран Милевски – Кически е направен претрес во домот, а и на двајцата им се проверени и автомобилите.

– При претресите прибран е броен доказен материјал што допрва треба да биде предаден на вештачење. Меѓу одземените предмети покрај два персонални компјутери и еден лап топ што ги користеле првоосомничениот и неговата асистентка, одземено е поголемо количество на брендирана гардероба, накит, часовници и уметнички дела. Од второосомничениот се одземени повеќе лап топ компјутери, документација, мобилни телефони, USB стикови и мемориски картички, како и поголемо количество на оружје и муниција за кое дополнително ќе се утврдува дали второосомничениот го поседувал со дозвола, велат од обвинителството.

Со оглед на обемноста на материјалот, оттаму велат дека во овој момент не можат да соопштат повеќе детали. Од обвинителството, исто така, посочуваат дека не се точни информациите дека и други лица биле повикани на разговор со оглед на тоа што се појавија информации и за обвинителката Лиле Стефанова.

Не е вршен претрес ниту во домот на Катица Јанева, но на неа ѝ е одземен телефонот. (Крај)

извор: Плус инфо фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука

Слични објави