Охрид, 17. јули 2019 (ОХРИДПРЕС) – Градоначалникот на Охрид, д-р Константин Георгиески заедно со Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев и директорот на Дирекцијата за технололошко индустриски развојни зони Александар Младеновски, денеска го посетија производствениот погон на германската компанија за производство на компоненти за автомобилската индустрија „Костал“ во Охрид.
Во рамки на посетата, беше остварена средба со извршниот директор на Леополд Костал Каи Кникман и потпретседателот на компанијата Кристофер Сандерс. На средбата присутвуваше и Амбасадорот на СР Германија во Македонија, Томас Герберих.
На средбата, од компанијата „Костал“ најавија дека во капацитетот во Охрид, во текот на наредните пет години планирано е да бидат вработени уште 750 лица, односно до крајот на 2025 година, компанијата ќе достигне бројка од вкупно 1.150 вработени.
Градоначалникот на Охрид, д-р Константин Георгиески изрази задоволство што една технолошки високо развиена компанија го избра Охрид за инвестиција.
– Изразуваме почит кон ваквите инвестиции и во иднина ќе се залагаме на секаков начин да ги помогнеме ваквите инвестиции да бележат поголем раст и развој. Горди сме што во нашиот град се произведуваат високотехнолошки производи, ние ги анимираме младите да се образуваат и обучваат за да можат полесно да дојдат до работни места во вакви компании, рече Георгиески.
Во фабриката во Охрид, „Костал“ произведува модули за речиси сите светски автомобилски компании, односно комплексни производи за коишто се потребни квалификуван персонал и технолошки софистицирана опрема. Речиси 99 отсто од вработените во производствениот процес во „Костал“ се од Охрид и Струга. (Крај)
извор: Општина Охрид фото: Општина Охрид