јули 17, 2019

Охрид, 17. јули 2019 (ОХРИДПРЕС) – Откако пред три дена објавија поразителни фотографии на нашиот колективен (и поединечен во овој случај) срам, а вчера информираа и за стартот на акцијата за чистење, Никола Паскали од нуркачкиот центар „Akvatek“ комплетно го извади „тоалетот“ од водите на Охридското Езеро.

– Отпадот кој го сретнуваме под вода, ја покажува нашата ниска колективна свест во поглед на заштита на езерото. Луѓето мислат дека ако фрлат нешто во езеро, како да го скриле, како да не постои веќе. Но не, тоа останува на дното, се распаѓа, а ние јадејќи риба и пиејќи вода, на некој начин го внесуваме во себе и покрај што го контаминираме езерото, се контаминираме и себе, рече нуркачот Никола Паскали, кој го „откри“ подводниот „тоалет“ во Охридското Езеро, а денес беше гостин во емисијата Радио Корнер на Супер радио.

https://youtu.be/Rt-YUZsTRXs

Супер радио: Вашето подводно „откритие“ направи бура од креативни реакции на социјалните мрежи. Од се’ што успеавте да прочитате, кој статус Ви остави најсилен впечаток?

Паскали: Најинтересен ми беше статусот на Илче Затаракоски, кој на својот Facebook профил напиша „Ја најдовте кадата на Цар Самоил, остана уште само гробот на Александар Македонски“.

Супер радио: Она што е за почит е што не сметавте дека работата е завршена само со фотографирањето и јавното објавување на фотографиите, туку направивте и акција за нивно отстранување. До каде сте со акцијата?

Паскали: Вчера како последна ја извадив и кадата. Акцијата ја извршив сам, а направив и видео од тоа. Имав среќа што беше пластична и не беше многу тешка. Кога ја извадив ја ставив блиску до кантите за отпадоци, знаејќи дека кога ќе поминат службите на ЈП „Комуналец“ ќе ја отстранат, што и се случи.

Супер радио: Веројатно случајов со подводниот „тоалет“ не е единствената грда слика која ја имате регистирано во Вашето долгогодишно нуркачко искуство. Што друго „крие“ дното на Охридското Eзеро?

Паскали: Покрај ова последново со „тоалетот“, сум видел и вреќи со плочки, вреќи со градежен шут, стаклени и пластични шишиња, најразлични пакувања од прехрамбени продукти, пластични чаши, други предмети за еднократна или повеќратна употреба итн.

Супер радио: Но, покрај овие нешта на кои таму не им е местото, езерото крие и прекрасна подводна убавина, која Вие како асистент инструктор по нуркање им ја покажувате на љубопитните. Кој е пољубопитен за овие подводни авантури, домашните или странските гости?

Паскали: Нашиот центар „Акватек“ нуди туристичко нуркање, а од искуството до сега најголем интерес има кај странските туристи. Има и охриѓани кои често нуркаат рекреативно, но сепак мислам дека охриѓани и домашните туристи не се многу заинтересирани за тоа.

Супер радио: Колку чини задоволството да се нурка во водите на Охридското Езеро со инструктор на нуркачкиот центар „Акватек“?

Паскали: Рекреативно, туристичко нуркање во времетраење од еден час чини 50 евра. Во цената е вклучена потребната опрема за нуркачот со придружба на квалификуван инструктор, но и освежување во вид на овошје, освежителни пијалоци, а за возрасните може и ракија по завршувањето на нуркањето. Особено значајни за рекреативните нуркачи се и фотографиите и видеото, кое им ги подаруваме како убав спомен од самата авантура.

Супер радио: Колку долго се знимавате со нуркање?

Паскали: Со нуркањето се сретнав од многу мала возраст, зошто и мојот татко е нуркач, тоа го почнал уште во 80-тите, а јас имав среќа од него да наследам дел од потребната опрема. Инаку нуркам од своја 12-годишна возраст или скоро 20 години, а моментално сум асистент инструктор, а бидејќи сум дипломиран археолог, специјализиран за подводна археологија работам и на експедиции за истражување на подводни пештери.

Супер радио: Како се стекнува со звање подводен археолог, тоа е во рамките на Факултетот за археологија при Филозофскиот факултет во Скопје или дополнително се дообразувавте надвор?

Паскали: Дипломирав археологија на Филозофскиот факултет во Скопје, а мојата дипломска работа беше на тема „Методологија на подводни археолошки истражувања“. Нуркачката асоцијација SSI нуди такви курсеви за подводна археологија, кои јас ги посетив и успешно ги завршив. Потоа за дообразование, преку нашето Министерство за култура, отидов и на напреден курс за подводна археологија во Хрватска.

Супер радио: Покрај нуркањето, сосема разбирливо, кај Вас одамна е разбудена и страста кон подводната фотографија. Од она на кое „налетувате“ со Вашиот фотообјектив под вода, сте размислувале ли да направите некоја изложба?

Паскали: Да, пред 5-6 години ние прв пат во Македонија, направивме изложба на подводна фотографија. Имавме прекрасни моменти уловени под вода. Сега имаме желба да направиме изложба, но не само на убавите моменти уловени под вода, туку и од оние работи кои ги регистирираме, како на пример отпадот, кој ја покажува нашата ниска колективна свест во поглед на заштита на езерото. Лушето мислат дека ако фрлат нешто во езеро, како да го скриле, како да не постои веќе, но не, тоа останува на дното, се распаѓа, а ние јадејќи риба и пиејќи вода, на некој начин го внесуваме во себе и покрај што го контаминираме езерото, се контаминираме и себе.

Супер радио: Кои локации во Охрид би ги препорачале за туристичко, рекреативно нуркање?

Паскали: Лично за мене сите локации се убави, секоја на свој начин.

Супер радио: Од подводниот ендемски жив свет, кој оние кои не нуркаат никогаш не ни знаеле дека постои во езерото, има ли начин да стигнете до повеќе информации во врска со нив?

Паскали: Имам една книга која многу ја сакам, авторот е Синиша Станковиќ, од 1952-ра година, се вика „Живиот свет во Охридското Езеро“ и тука се опфатени и опишани сите видови кои живеат во езерото. За мене најинтересни се едни мали школки, а можеби се и полжави, а специфично за нив е што во Охридското Езеро живеат во континуитет од милион и пол години, од кога е настанато и езерото, што е голема реткост во светот. Тоа го докажа и германската експедиција, која пред околу 4 години бушеше во седиментот на езерото на длабочина од 500 метри и докажа дека Охридското Езеро е специфично по тоа што има континуитет на живот до ден денес. Оваа специфика која с еоднесува на токлу долг континуитет на живот во иста форма, колку што ми е мене познато е единствено специфична само за Охридското Езеро.

Супер радио: Како подводен археолог на кои локалитети до сега имате работено?

Паскали: Татко ми, уште во доцните 90-ти години, работеше на првите археолошки истражувања на локалитетот „Залив на коските“, се сеќавам на ова место уште од дете, а подоцна и јас работев на истражување на овој локлитет. Имам работено и на локалитетот „Врбник“ во Струга. Одлични локалитети се и горд сум што имаме што да покажеме.


Емисијата Radio Corner се емитува секој работен ден од 12:00 до 14:00 во живо од Sky Corner. Водител е Александра Алексијевска. (Крај)

извор: ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука