јули 18, 2019

Дебрца, 18. јули 2019 (ОХРИДПРЕС) – Денеска во Дебрца ќе биде пуштена во употреба браната Слатино, реконструирана во рамки на Програмата на Европската Унија за санација на штети од поплави.

Браната на Слатинското езеро имаше сериозни оштетувања, а преку проектот „Санација на браната на Слатинско езеро”, финансиран од ЕУ, вреден 1,2 милиони евра се реконструира во насока на намалување на потенцијалниот ризик од поплави и зголемување на отпорот кон евентуалните идни поплавувања.

На промоцијата ќе присуствуваат шефот на Делегацијата на Европската Унија, Самуел Жбогар, заедно со амбасадорката на УНДП во земјава, Нарине Шахакјан, министерот за земјоделство Трајан Димкоски, а домаќин ќе биде градоначалникот на Дебрца Зоран Ногачески.

Акумулацијата изградена во 1963 година како ресурс за наводнување на атарот на неколку села во општина Дебрца својата агонија ја почна во февруари 2013 година, кога поради тогашните временски прилики и обилните врнежи од дожд се појавија пукнатини во земјениот насип што претставуваа реална опасност по интегритетот на самата брана. Нејзното попуштање во тој миг кога во акумулацијата имаше повеќе од милион метри кубни вода, ќе значеше целосно поплавување на населбата Слатински Чифлик, како и атарите на селата Слатино и Издеглавје.

Тогаш формираното Координативно тело за справување со опасноста од излевање на езерото, нареди евакуација на населението од загрозените делови на Слатински Чифлик. Со акција на екипи на специјализирана градежна компанија, заедно со нуркачки тим ангажиран од Дирекцијата за заштитата и спасување беа отворени дополнителни испусти на главната бетонска прeливница на акумулацијата, што резултираа со спуштање на нивото на водата во езерото за повеќе од 70 сантиметри и намалување на притисокот на водата врз оштетениот насип. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука