Избор Култура Охрид ТОП ВЕСТИ

Проекции на филмови на плажа и на брод на второто издание на Beach Film Festival

Охрид, 18. јули 2019 (ОХРИДПРЕС) – Со проекција на краткометражни и долгометражни филмови вечерва стартува второто издание на фестивалот на нов европски филм, Beach Film Festival.

Во четирите фестивалски денови ќе се прикажат 7 долгометражни и 20 краткометражни филмови, а ќе има и музичка програма, работилница за филмска критика како и панел дискусија. За дизајнот на уникатниот плакат и рекламниот материјал се погрижи Милица Голубовиќ, а официјално лице е охридската актерка Сара Климоска.

– Фестивалот има натпреварувачки карактер, ќе биде доделена награда „Голем бран“ за најдобар долгометражен и краткометражен филм. Интересно е што имаме и новитет, уште една награда и тоа за најдобро актерско остварување, која ќе го носи името на неодамна починатиот професор Стефан Сидовски Сидо голем вљубеник во филмската уметност и актер аматер. Сакавме да го испочитуваме неговиот лик и дело. Публиката ќе може да ја погледне и проекцијата на неговиот последен филм „Опатија“. Во ревијалниот дел на фестивалот, во недела на затворањето ќе се прикаже филмот на Теона Митевска – „Господ постои, иемто и е Петрунија“. Имаме и музичка програма, после секоја проекција, со настап на бендови и диџеи. Ќе имаме и работилница за филмска критика утре и задутре во охридската гимназија од 10:00 часот. Ќе се одржи и панел дискусија на тема „Жената е жена, архетип на една жена“. Имаме посебна чест да ја најавиме професорката по светска кинематографија, Дина Јорданова, која е една од петте најдобри филмски теоретичарки. Таа, заедно со Наум Трајаноски ќе бидат модератори, потенцира актерот Томе Станковски.

Меѓу панелистите ќе учествуваат актери, сценаристи, режисери, кои од сопсветно искуство ќе дадат ставови на компелксната и голема тема во однос на жената како актер.

– Во својата кариера сум добивала улоги со широк дијапазон, секогаш се борев да играм различни женски ликови. Драго ми е што ќе имам можност да го споделам своето знаење, рече познатата хрватска актерка Јудита Франковиќ Брдар, која ќе биде и дел од жири комисијата за избор на најдобриот долгометражен филм. Во изборот ќе и помагаат и нашиот Никола Ристаноски и Џон Крејн.

Жирито за оценка на краткометражните филмови го сочинуваат актерите Јасмина Билаловиќ, Билјана Драгичевиќ Пројковска и Иван Јовиќ.

Второто издание на Beach Film Festival ќе трае до 21-ви јули и е фокусиран на развојот, односно презентацијата на новиот европски филм и неговата идентификација како посебен културолошки феномен. Со својот иновативен концепт, Beach Film Festival се издвојува од досегашните фестивалски стандарди.

No photo description available.

Организаторите велат дека при изборот на филмови кои учествуваат предност се дава остварувања кои се од медитеранско подрачје, снимени на река, езеро или море и се поврзани со лето.

Голем дел од филмовите се селектирани и наградувани на реномирани светски фестивали како Sundance, Berlinale, Cannes Film Festival, а сега ќе имаат македонска премиера. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука

Слични објави