Избор Општина Дебрца ТОП ВЕСТИ

Промовиран проектот „Санација на браната на Слатинско Езеро“

Слатино, 18. јули 2019 (ОХРИДПРЕС) – Градоначалникот на општина Дебрца Зоран Ногачески заедно со шефот на делегацијата на Европската унија, евроамбасадорот Самуел Жбогар, амбасадорката на Програмата за развој на УНДП, Нарине Сахакјан и Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски присуствуваа на промоцијата на проектот „Санација на браната на Слатинско Езеро“.

Првиот човек на Дебрца Ногачески го истакна задоволството што браната на Слатинското Езеро е една од петте што се санираат во рамките на Програмата на Европската унија за санација на штетите од поплавите и дека со санацијата е постигнат значаен чекор во напорите за враќање на Слатинското Езеро на хидрографската карта. Ногачески вели дека искрено се надева дека со помош на државата и нашите европски партнери ќе се дообезбедат средства за чистење на дното на езерото и дека набргу истото ќе го видиме во неговата природна убавина и исполнето со живот.

– За општина Дебрца Слатинското Езеро е значаен воден ресурс, за кој имаме развојни планови истото да прерасне во атрактивна еко туристичка дестинација. Општината спроведува почетни активности за урбанистички развој на локалитетот, со вметнување туристички содржини, што би биле интересни за потенцијалните посетители, од туристи до риболовци. На тој план, набргу започнуваме и со конкретни активности, односно со средства обезбедени од Швајцарската Агенција за развој и соработка и Министерството за локална самоуправа, преку Центарот за развој на Југозападниот плански регион ќе се имплементира проектот „Подобрување на туристичката понуда преку изградба на пешачки патеки и уредување на атрактивни места кои водат до природни локалитети, во случајов Слатинското Езеро“, изјави градоначалникот Ногачески.

Проектот вреден 773 илјади евра го реализираше фирмата „ГИМ“ од Скопје. (Крај)

извор: Општина Дебрца фото: Општина Дебрца

 

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука

Слични објави