ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Охрид и Струга добија 10 дена од Владата да подготват акциски план по препораките на УНЕСКО

Скопје/Охрид, 23. јули 2019 (ОХРИДПРЕС) – Македонската Влада на денешната 146-та седница, со која претседаваше премиерот Зоран Заев, го усвои новиот текст на Предлог – законот за Јавното обвинителство и е донесена одлука да биде испратен на усвојување во Собранието со европско знаме и во скратена постапка.

Министерството за правда предложи, а Владата денеска прифати во собраниска постапка да биде пуштен и Предлог – законот за изменување и дополнување на Законот за Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија заради терминолошко усогласување со Предлог Законот за Јавно обвинителство.

На оваа своја седница владата ја усвои информацијата за учество на македонската делегација на 43-тиот состанок на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО во Баку, Азербејџан и уште еднаш ја реафирмираше определбата да се зачува статусот на Охридскиот регион како светско наследство впишано во листата на УНЕСКО.

Во таа насока, на денешната седница Владата донесе одлука да го повлече Законот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион и им препорачува на општините од регионот да прогласат мораториум на градежните активности до донесување на Планот за управување со природното и културно наследство.

Истовремено, Владата им препорача на општините Охрид и Струга, во рок од 10 дена да изготват акциски план со роковник за спроведување на препораките на УНЕСКО за обврски од надлежност на општините и во рок од два дена по усвојување на акциските планови од страна на советите на општините, да ги информираат Министерството за транспорт и врски, Министерството за култура и Министерството за животна средина и просторно планирање.

Овие министерства со одлука на денешната седница добија задолжение да ја координираат меѓуинституционалната активност за спроведување на препораките на УНЕСКО и еднаш месечно да ја информираат Владата за прогресот во имплементација на препораките. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука