јули 27, 2019

Охрид, 27. јули 2019 (ОХРИДПРЕС) – Веќе три недели гори и чади депонијата во „Буково“. И не, не се работи интензивно како што изјавуваат од ЈП „Охридски Комуналец“, порачуваат од О2 Иницијатива.

– Никој не работи, викенд е, а и што да се брзаат, инспекторот им дал рок до 2 август да ја изгаснат, има време. До тогаш нека се разгорува оганот и нек се шири токсичниот чад. Не се работи интензивно ниту во работно време од понеделник до петок. Вчера кога жители од соседното село биле во посета, никој не работел, реагираат од Иницијативата.

Тие прашуваат како е можно алармантна состојба да се третира на овој начин?

– Пчелар од селото Горно Крушје со кого зборувавме вели дека пчелите не му одат на прскана јаболкница, а сега три недели не даваат мед. Три недели откако гори депонијата. Токсична состојба за нив. Тоскична состојба за сите. Деца играат во селото. Кога чадело интензивно било како среде густа магла. Од општина Охрид им рекле ако им пречи чадот, нека се преселат на друго место. Жителите на Горно Крушје кажуваат дека депонијата не горела последниве 10 до 15 години, дека тогаш кога се запалила го блокирале патот и биле мирни до ова палење. Сега исто два-три пати го блокирале патот кај депонијата. Чекаат 2 август да се уверат дека ќе биде угасната до тогаш. Водата што ресенчани ја пијат доаѓа токму од тука. Во селото кое има 50-60 жители, починале над 15 жители од рак низ годиниве. Не може да се поигрувате со животите на луѓето на овој начин. Ова што се случува е без преседан, свесно труење и свесно убивање на сопствен народ. Со сите депонии кои се палат, чадат и функционираат без стандарди. Ова е криминал за кој никој не одговара. Сè уште. Но, за сè има прв пат, реагираат од O2 Иницијатива. (Крај)

извор: O2 Иницијатива фото: ОхридПрес видео: O2 Иницијатива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука