ЕКОЛОГИЈА ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

Законот за Охридскиот Регион повлечен на доработка

Скопје/Охрид, 29. јули 2019 (ОХРИДПРЕС) – Законот за управување со Охридскиот регион е повлечен по направени проценки дека е потребна негова доработка.

Новите измени на Законот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион одат на доработка во услови кога Комитетот за светско наследство на УНЕСКО уште од 2016 година наваму неколкупати „силно“ ги повторува барањата кон властите во земјава дека треба да биде усвоена ефикасна заштитна регулатива и да се воспостават ефикасни контролни механизми, а до нивното донесување да биде прогласен мораториум на секаква урбана и крајбрежна трансформација на Охридскиот регион.

Во документите на Комитетот од оваа година меѓу другото стои дека државата треба да обезбеди строго спроведување на регулативите за спречување на понатамошно незаконско градење во Охрид.

Донесувањето на новиот Закон за управување со Охридскиот регион треба да го олесни спроведувањето на препораките на УНЕСКО до новиот рок во февруари 2020 година, кој земјата го доби на последната сесија на УНЕСКО во Баку како еден од условите за Охрид да го зачува статусот на светско природно и културно наследство, јави Радио Слободна Европа.

Очекувањата беа законот деновиве да влезе во собраниска процедура, но Владата одлучи дека е потребна негова доработка откако имаше реакции од граѓанските организации дека одредени делови од предлог-законот се спорни и оти со таков закон праксата на уништување на Охрид ќе продолжи. (Крај)

извор: РСЕ фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука

Слични објави