Поградец/Охрид, 29. јули 2019 (ОХРИДПРЕС) – Министерот за култура Хусни Исмаили денеска престојуваше во Поградец, Република Албанија каде се обрати на промотивниот настан посветен на впишувањето на албанскиот дел од Охридското Езеро, на листата на Светско наследство на УНЕСКО.
На промотивниот настан во организација на министерствата за култура и за туризам и животна среднина на Албанија присуствуваа и Претседателот на Владата на Република Албанија, Еди Рама, министрите за култура и за туризам и животна средина на Република Албанија, Елва Маргарити и Бленди Клоси, македонскиот министер за животна средина Насер Нуредини и Борис Ерк од советодавното тело на Центарот за светско наследство на УНЕСКО.
Министерот Исмаили во своето обраќање пред присутните, ја истакна важноста на овој значаен настан за двете земји, кој се реализираше во рамки на 43 сесија на Комитетот на светско наследство на УНЕСКО одржанаво Баку, Азарбејџан.
– Проширувањето на ова сега веќе заедничко светско наследство, се случува токму после 40 години кога во 1979 година со одлука на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, Охридскиот регион беше впишан на Листата на светско наследство, најпрво како природно наследство, за во 1980 година да биде извршено дополнување со критериумите за културното наследство и негово впишување во категоријата мешовити добра. Целосното впишување на регионот покрај брегот на Охридско Езеро, со проширувањето и на албанската страна на eзерото, е само уште една потврда за исклучителните универзални вредности кои овој регион ги поседува и како таков е од посебно значење не само за нашите две земји, туку и за човештвото воопшто, рече Исмаили.
Тој додаде дека актуелната состојба во која се наоѓа природното и културното наследство на Охридскиот регион упатува на користење на сите домашни, билатерални, регионали и меѓународни инструменти и механизми за поефикасна заштита и управување со природното и културното наследство на овој регион. Во тој контекст министерот Исмаили рече дека ова е уште една можност да се потврдат посветеноста, заложбите и подготвеноста за понатамошна заедничка соработка во рамки на секоја нова иницијатива насочена кон заштита и успешно управување со природното и клтурното на Охридскиот регион, што ќе придонесе во зачувувањето на статусот како светско наследство на листата УНЕСКО. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива