Охрид, 3. август 2019 (ОХРИДПРЕС) – Стефан Mанасиевиќ e дипломиран хармоникаш на ФМУ Скопје, а пред две години започна со соло кариера како поп пејач.
– Oд секогаш сум имал желба да пејам, а како мал сум настапувал на детски фестивали. Сум пеел со хорови, но ете сега желбата ми се оствари и создавам авторски песни. Се надевам дека за брзо време ќе го снимам и својот прв албум. Сакам да експериментирам, сакам да се пробам во секаков жанр на музика, но дефинитивно поп музиката е тоа што го сакам и најмногу ми лежи како изведувач. Сакам да интерпретирам без разлика дали свирам или пејам секаков тип на музика. Тоа ме исполнува и сакам тоа да го правам, изјави за Супер радио Манасиевиќ, кој беше денешен гостин во емисијата Vanco PLAY.
Минатата година тој ја издаде „Твојот свет мистерија“, за по шест месеци да ја објави „Птицо одлетај“. Неодамна ја издаде и третата песна „Знам дека постоиш“. Комплетен автор на трите песни е Иван Петровски. За сите три песни Манасиевиќ има снимено видео записи, а последните два спота се дело на Кристина Трајкоска, која по потекло е од Охрид.
Стефан изведува и обработки на познати композиции, а пред две години учествуваше и на фестивалот „Славјански базар“ во Белорусија, како претставник од Република Македонија. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес