август 3, 2019

Охрид, 3. август 2019 (ОХРИДПРЕС) – Во организација на Македонската Таеквондо Федерација и клубовите членки на федерацијата, веќе шеста година по ред, во Охрид се одржува летен Таеквондо камп.

Од 28-ми јули до 6-ти август, во Детското одмаралиште „Радости“ во Охрид престојуваат нашите најдобри репрезентативци, освојувачи на медали од светски и европски првенства, а целиот процес за тренинг е надгледуван и организиран од искусни и докажани тренери од Македонија.

– Овој камп придонесува за подготовка за натпреварите кои следуваат веќе од септември. Учествуваат спортисти во категориите од пионери до сениори и повеќе тренери кои работат по групи. Максимално се залагаме и даваме максимален придонес за да ги подготвиме децата за натпреварите, затоа што сакаме годинава да имаме потенцијал и за Олимпијада. Се надевам дека ќе успееме и дека ќе учествуваме на истата, изјави тренерот Михајлов Коста од Таеквондо клубот „Кобра“.

Првиот човек на клубот „Hwarang FIST“ од Охрид Аце Јосифоски вели дека охридскиот клуб како и секоја година, така и оваа има свои претставници кои се дел од овој национален тим, во категориите пионери, кадети, јуниори и сениори.

– Кампот е одлична подготовка за есенскиот натпреварувачки дел, каде нашите членови активно учествуваат како дел од националниот тим или поединечно како членови на нашиот клуб, додава Јосифоски.

Овој летен камп е исклучително значаен за развојот на еден таеквондист кој сака сериозно да напредува во овој олимписки спорт. (Крај)

извор: ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука