август 9, 2019

Охрид, 9. август 2019 (ОХРИДПРЕС) – Дуке Бојаџиев му го посвети на Охридското Езеро концертот кој го одржа синоќа пред преполното гледалиште на сцената „Долни Сарај“. Тој ја повика публиката да запали свеќи како апел до надлежните да се спаси ова единствено место на планетата.

Запалените свеќи гореа додека Дуке Бојаџиев премиерно ја изведуваше композицијата „Охрид” со која го отвори концертот.

– Охридското Езеро станува сė позагрозено. Ги повикувам сите структури во државата да направат сė што можат, рече тој.

Бојаџиев синоќа настапи со дел од неговите долгогодишни соработници и чести гости на концертите, Исмаил Лумановски на кларинет, Мартин Ѓаконовски на контрабас и Костас Анастасиадис на тапани, како и актерката Наташа Петровиќ, вокал и нарација. Ова единствено музичко доживување беше збогатено и со гостувањата на македонската ѕвезда Каролина Гочева, Бранко Николов од групата „Фолтин“ и гитаристот Георги Шарески.

Минатата недела и Влатко Стефановски упати гласен апел за спас на Охрид и крајбрежјето за време на својот концерт во Античкиот театар во Охрид.

Инаку, на Охрид и крајбрежјето им се заканува опасност од губење на статусот на заштитено културно и природно наследство на УНЕСКО, нешто што речиси исклучиво се случува само со културните и природните наследства под заштита на УНЕСКО кои се наоѓаат во региони погодени од војни или природни катастрофи. Во случајот на Охрид и крајбрежјето, најголема закана се регистрираните дивоградби, а клучниот услов за ова да не се случи е нивно отстранување и воведување на мораториум на градење се до донесување на интегриран план за управување со Охридскиот регион. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука