Охрид, 13. август 2019 (ОХРИДПРЕС) – На социјалните мрежи синоќа осамнаа принт скринови од разговор на поранешен работник во Јавното претпријатие „Билјанини извори“ од Охрид, со директорката на претпријатието, Гордана Јованоска.
Од разговорите кои се објавени во оваа форма, се гледа дека директорката од работникот бара неговата жена да излезе на гласање, бидејќи „секој глас е битен“.
Супер радио и OhridPress денес се обидоа да ги контактираат двете страни.
Директорката Јованоска тврди дека нема вистина во изнесеното и дека разговорите се извадени од контекст. Таа објаснува и за одредени недоследности во работата на лицето кое ги објави разговорите и тврди дека тој работел со договор на определено време во ЈП „Билјанини извори“ и за целиот период наназад „кога сакал доаѓал, кога не на работа и имало неколку поплаки за нерегуларно работење“, по што на 1-ви август не му бил продолжен договорот за работа.
– Нека го презентира целиот разговор каде сам се нудеше дека ќе помогне за изборите. Јас ги имам, кога ќе се потврди вистината, или ќе треба да се извини, или ќе треба да поднесам тужба. Ми побара пари за да не ги објавел разговорите. Во оваа фирма нема некој кој се жали дека е партиски избркан, омаловажен или слично. Овде работат членови на Извршни одбори, претседатели на месни заедници на ВМРО-ДПМНЕ, воопшто никој не се пожалил дека има вршено некаков притисок врз нив, вели Јованоска.
Лицето со кое разговара Јованоска утрово за Супер радио и OhridPress не сакаше да коментира повеќе за настанот и изјави дека „наскоро ќе информира за се’.“
Монтирани или не, извадени од контекст или не, сепак на пораките јасно се гледа дека, без оглед кој ја започнал комуникацијата, директорката ја прифатила и разговара на таа тема на изборниот ден со лице кое во моментот било вработено во Јавното претпријатие, што е спротивно на законската регулатива и посебно на изборниот законик. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива