Охрид, 15. август 2019 (ОХРИДПРЕС) – Веќе петти ден гори шумата во атарот на селото Велмеј.
Пожарот кај месноста „Бајам“ и натаму е активен, а според податоците од месното население зафатено е и до 150 хектари шума, а теренот е непристапен.
Екипи на охридската територијална противпожарна единица постојано се во Велмеј. Повеќе пожарникари заедно со командирот Спасе Прентоски и претпладнево се таму. Прентоски во изјава за Супер радио и OhridPress информира дека состојбата се следи, се држи под контрола, таму се и служби од ЈП „Национални шуми“, Јавните претпријатија од Охрид и Дебрца. Проблем и главоболки и натаму им создава ветерот, но будно следат што се случува и ги ставаат во функција сите расположливи средства.
На местото заедно со жителите е и градоначалникот на Дебрца, Зоран Ногачески.
– Пожарот сеуште не е изгаснат. И не велам дека на моменти ситуацијата не беше сериозна. Сериозна да, ама не и критична, апокалиптична. Целта на силите за гаснење беше да се изгасне огнот или да се спречи да се движи кон селото, но и да не се доведат во опасност животите на лицата кои гаснеа на тешкиот терен. Одговорно тврдам дека, иако на моменти состојбата стануваше сериозна, во ниту еден момент непосредно не беше загрозен животот ниту на гаснителите, ниту на жителите на селото или нивниот имот. Крајно, некои ќе речат, зарем три дена не може да се изгасне пожарот. Ако беше така лесно се ќе беше завршено. Верувајте, не е така лесно. И не Ви би посакал во животот да се најдете во вакво искушение. Впрочем, сведоци сме дека и во најразвиените држави има случаи вакви пожари со денови да се гаснат, напиша Ногачески на својот профил на Facebook.
Од Центарот за управување со кризи информриаат дека шумскиот пожар во атарот на селото Велмеј е се’ уште активен.
– Гори нискостеблеста деградирана шума и смрека. На пожарот интервенираат екипи од ТППЕ – Охрид, додаваат од ЦУК од каде информираат дека е активен и пожарот кај селото Волино.
– Во текот на вчерашниот ден од страна на ШС „Галичица“, ТППЕ-Охрид, и други јавни установи како и дел од месното население учествуваа во гасење на пожарот. Исто така авионите на ДЗС со 10 налети дејствуваа во гасење на пожарот, но поради силниот ветар гасењето на пожарот беше отежнато. Нема опасност пожарот да навлезе во селото, а екипи на ШС „Галичица“ и ТППЕ-Охрид во текот на ноќта го контролираа опожарениот простор, потенцираат од ЦУК.
Жителите и натаму се вознемирени и апелираат на помош во насока да не се случи ескалација на состојбата и проширување на пожарот. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива