Вевчани, 16. август 2019 (ОХРИДПРЕС) – Во прекрасното Вевчани денес започнува 9-тото издание на Фестивалот за народна култура „Пображење“, во организација на Културно уметничкото друштво „Дримкол“ од Вевчани.
500 уметници од различни држави во текот на наредните три дена ќе ја презентираат народната култура пред Вевчанската публика и пред многубројните туристи и гости кој токму овие денови престојуваат во Вевчани и регионот. Фестивалот започнува вечерва во Домот на културата со презентација на Етнолошки документарни филмови, а како учесници оваа година со свои авторски дела ќе се претстават: др. Владимир Боцев („Возот за Мартолци“), Елзи Иванчич Дунин и Даниел Петровски (Са О Рома) и Бојан Петковски (филмувана реконструкција „Лазарице“).
Свеченото отворање е утре на летната сцена каде во наредните денови својот фолклор ќе го презентираат Македонски ансамбли и фолклорни ансамбли од Германија, Естонија, Словачка, Хрватска, Полска, Србија.
Покрај сценско уметничката презентација на орската, инструменталната и вокалната култура, во рамките на фестивалот секоја година се реализира и програмската содржина: „Народната култура во Вевчани, инспирација за ликовните уметници“, а учесник оваа година е Аница Китаноска-Вевчанска, студент на академијата за убави уметности во Равена, Италија.
– Во Вевчани овие денови се подготвува и слави Преображението Христово, слава на населбата, та, затоа пред години одлучивме такватапразнична радост да ја збогатиме со дополнителни весели содржини кој позитивно ќе влијаат на таа празнична атмосфера како и на целокупното живеење во Вевчани. Одлучивме тоа да се содржини од народната култура, бидејќи токму тие ги отсликуваат традиционалните духовни и материјални вредности на еден народ. На Вевчани му прилегаат настани кој имаат за цел да ја зачуваат традицијата, впрочем, Вевчани низ вековите го докажал тоа, та токму затоа целта и на овој фестивал еда ја афирмира Македонската духовна култура и традиција, да овозможи запознавање со народната културата на други земји низ светот, а воедно да ја збогати туристичката понуда на општината, вели м-р Тошо Чочороски, претседател на КУД „Дримкол“ од Вевчани.
Стручниот совет на фестивалот во состав: проф. д-р Мирјана Мирчевска, проф. д-р Велика Стојкова – Серафимовска, проф. д-р Даворин Трпевски, Јовица Блажески и Наташа Кукоска ќе ги оценуваат сите ансамбли, а за најдобриот ансамбал организаторот доделува плакета „Чувари на традиција“. Фестивалот завршува на празникот Преображение Христово, на 19-ти август со етно звуците на Вокално инструменталниот состав „Аманет“ од Скопје и Фолклорниот ансамбл при Центарот за традиционална култура од Вараждин, Хрватска.
Фестивалот е под покровителство на Министерството за култура и на општина Вевчани. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива