Охрид, 19. август 2019 (ОХРИДПРЕС) – Еден од најголемите експерти за трансплантација на матични клетки во Германија и Европа е професорката д-р Надежда Басара, која има сериозни успеси во лекувањето на тешко заболени пациенти.
Зад себе веќе има 2.200 реализирани трансплантации со матични ќелии, со 87% до 90% на излекуваност на пациентите. Басара вели „За мене не постои препрека во медицината која не можам да ја совладам кога е во прашање човечкиот живот”. Таа за пациентите е и надеж и спас, затоа медицинските сестри од Балканот кои работат во Германија ја нарекуваат „икона на медицината”. За изминативе 10 години со трансплатација на матични клетки се излекувани најмалку 40 пациенти од Македонија, од кои голем број се деца.
Д-р Басара моментно е директор во болницата „Malteser St. Franziskus“ во германскиот град Фленсбург, каде ја лекуваше и охриѓанката Сара Настеска од Aplasticna anemija, зад која застана скоро комплетната охридска, македонска, но и светска јавност. Таа на Виктор, братчето на Сара, му додели и златен медал, како најмлад донор. Сара неодамна беше на контрола во Германија, при што беше утврдено дека напредува одлично и дека терапијата делува и излекувањето се движи во посакуваната насока.
– Сакаме да и’ се заблагодариме на проф. д-р Басара за несебичната помош, за залагањето и за се’ што направи за Сара и Виктор и за нас како семејство. Уште еднаш огромна благодарност и до сите хумани луѓе во Охрид, Македонија, но и од целиот свет кои застанаа зад нас, кога ни беше најтешко, велат од семејството на Сара.
Проф. д-р Басара е позната и во нашата држава и веќе има излекувано околу 40 пациенти со малигни болести и тоа во главно млади луѓе.
– Направив трансплантација на едно 15-годишно девојче од Охрид со матичните клетки од нејзиниот 12-годишен брат Виктор. Тоа е најмлад донор за што како благодарност му дадовме златна медаља. Интересно е да се објасни дека се работи за малку позната, но хумана тема, бидејќи за донацијата на матичните клетки од малолетни деца се одговорни родителите кои официјално потпишуваат дека се сложуваат, но секако ако прифати и самото малолетно лице. Се почитува и неговата желба, а не само желбата на родителите. Јас секогаш ја почитувам желбата на донорот, таа да биде на доброволна основа, а не под притисок на родителите. Затоа барам да се потпише и малолетниот донор, вели д-р Басара за vecer.press.
д-р Басара и малиот херој Виктор
Таа открива и дека посебно внимание посветува на македонските пациенти, што се дожи и на македонските корени на нејзиниот сопруг Бранислав, чии баба и дедо по мајка го имале презимето Бошковиќ и се по потекло од селото Тресонче.
Инаку, д-р Басара во Германија дошла пред 22 години, без познавање на германскиот јазик, но тоа не и претставувало пречка да го научи и истовремено да изгради кариера, да стане доцент, и како прва докторка од југоисточна Европа, станала професор по медицина.
Пет години била на чело на трансплантациониот центар во Универзитетската клиника во Лајпциг. Благодарение на д-р Басара овој центар по резултатите на лекување на леукемијата и по бројот на реализирани трансплантации е на прво место во Европа. Оваа силна жена енергијата ја црпи од љубовта кон медицината, луѓето, работата и семејството. За неа најголемата сатисфакција е кога ќе го излекува пациентот, оти тоа го смета за свој личен успех, што и дава нова енергија по патот на успехот. Меѓу пациентите што ги лекувала д-р Басара има и голем број граѓани од регионот, Србија, Македонија, Црна Гора, а јавноста ја знае и по успешното лекување на тешко заболениот од апластична анемија Жељко Митровиќ, сопственикот на Pink телевизија, како и познатиот српски водител во Ртс, Дејан Деки Пантелиќ, кој исто така го излекувала од тумор на крајници. Пантелиќ во едно свое интервју посочил дека во моментите кога се лекувал во Германија и кога му било многу тешко д-р Басара го охрабрила со зборовите: „Дејане, кај мене луѓето не умираат“. Листата на успешно лекувани пациенти не завршува тука, таа е долга и дел од неа се познати лица од регионов и Европа, но тие не сакаат нивните имиња јавно да бидат обелоденети.
Оваа силна жена енергијата ја црпи од љубовта кон медицината, луѓето, работата и семејството. За неа најголемата сатисфакција е кога ќе го излекува пациентот, оти тоа го смета за свој личен успех, што ù дава нова енергија по патот на успехот. Таа вели дека дијагнозата рак не значи веднаш и смртна пресуда.
Комплетното интервју со д-р Басара ОВДЕ. (Крај)
извор: Валентина Марјановиќ/vecer.press/ОхридПрес фото: vecer.press/архива