Охрид, 26. август 2019 (ОХРИДПРЕС) – Во Куќата на Уранија – МАНУ, вечерва завршува „Научната и уметничка визита Охрид – 2019“, што втор месец се одржува во Охрид.
За крај на манифестацијата, одбрана е промоцијата на најновото дело на академик Таки Фити, претседател на МАНУ „Улогата на фискалната и на монетарната политика во стабилизацијата на економиите“. Промотор на книгата е професор д-р Владимир Филиповски, а настанот ќе започне во 20:00 часот.
– Модерната макроекономска наука е силно фокусирана врз истражувањето на овој феномен и врз изнаоѓањето ефикасни решенија за негово надминување, или барем за негово ублажување – ова особено поради фактот што постојат сериозни студии кои упатуваат дека во иднина епизодите на ZLB ќе бидат почести. Но, засега, нема ефикасни решенија за овој проблем. Прашањата што беа нотирано претходно поопстојно се анализирани во овој труд и, особено, во контекст на она што е ново во овој труд, т.е. на сосредоточеноста на ова истражување врз поставеноста, функционирањето и ефикасноста/неефикасноста на фискалната и на монетарната политика во услови на големи кризи – Големата депресија 1929-1933 година и Големата рецесија 2007-2009 година. Целта ми е на овој начин да и’ ги презентирам на нашата научна и стручна јавност поновите информации за феноменологијата на големите кризи, посебно за епизодите на ZLB, причините за нивното настанување, последиците од нивната појава, досегашните искуства од одговорот на политиките на состојбата на ликвидносна стапица, сугестиите што доаѓаат од најеминентните економски умови за разрешување на проблемот и сл. Во трудов е даден и сублимиран приказ за значењето на фискалната и на монетарната политика во стабилизацијата на македонската економија. Верувам дека трудов ќе им биде од корист на студентите по економија, особено на постдипломците и докторанtите, но и на вработените во банките и на креаторите на клучните политики кај нас, пишува во предговорот, академик Таки Фити, кој на книгата работел во текот на последниве 5-6 години. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива