Охрид, 26. август 2019 (ОХРИДПРЕС) – Се прават последните подготовки за прославување на празникот Успение на Пресвета Богородица во селото Скребатно.
Илјадници верници по традиција в среда ќе дојдат во Скребатно каде ќе се помолат во храмот на Пресвета Богородица, по што за сите ќе биде поделен традиционалниот ручек кој се служи во оваа црква.
Од 07:30 часот ќе има Утрена, а од 08:30 часот ќе се служи Света литургија. Литијата ќе тргне во 11:00 часот, а предвидено е и осветување на вода и кревање на лепче, од 12:00 часот ќе се одржи лицитација за бајракот, а од 15:00 часот е заедничкиот ручек.
По традиција, за овој празник во кругот на обновената црква се дели ручек за 5.000 луѓе, со што се продолжува заветот даден пред повеќе од два века.
Необично во целата приказна е што Голема Богородица, како што народот го нарекува големиот христијански празник, толку масовно се празнува во планинското село кое одамна е напуштетно и нема ниту еден постојан жител.
Собирот во секој негов дел секогаш е одлично организиран, уредени се паркинзи и важи посебен сообраќаен режим за празникот што ги поштедува гостите од застои. Се служи манастирска ракија и храна за 5.000 гости, а секогаш е весело со ора и изворна музика.(Крај)
извор: ОхридПрес фото: Црковен одбор Скребатно