Охрид, 27. август 2019 (ОХРИДПРЕС) – Изгаснат пожарот што во саботата избувна во атарот на селата Опеница и Расино, кај местото викано „Јасика“.
Утринава од охридската противпожарна единица за Супер радио и OhridPress информираа дека огнот е изгаснат, а на терен заради сигурност се екипи од шумските стопанства.
Граѓаните беа вознемирени, гореа смрека и борови, но поради тешко пристапниот планински терен, гаснењето на пожарот во шумата беше отежнато. Во гаснењето освен екипи на охридската противпожарна единица, учествуваа и вработените во сите локални јавни претпријатија, вработените во шумските стопанства, како и авионите за гаснење пожар на Дирекцијата за заштита и спасување, а активиран беше и општинскиот кризен штаб.
Во пожарот беше зафатена голема површина со борова шума и смрека. Ова беше втор поголем пожар што за краток период беше евидентиран во охридскиот регион. Пред десетина дена гореше шумата во атарот на Велмеј, при што изгореа 150 хектари шума. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива