август 28, 2019

Охрид, 28. август 2019 (ОХРИДПРЕС) – Силната болка во ногата беше посилна од желбата и упорноста на малиот охридски херој Марко Пејчиновски, кој по 4 часа и 49 минути во водите на Охридското Езеро и испливани 11 километри и 840 метри го прекина маратонот кој им го посвети на лицата со ретки болести.

Марко започна да плива околу 18:30 часот од Градското пристаниште во Охрид, а предвидено беше кружната патека преку езерото долга неверојатни 64 километри да ја заокружи вечерва на истото место.

– Желбата и волјата се крилја за големи дела. Нашиот Марко имаше силна желба и цврста волја да плива делница која е вистински предизвик за професионалните маратонци, а не за еден тринаесетгошник. Сепак, поради силни болки во ногата беше приморан да го прекине соло маратонот во должина од 64 километри кој го посвети на лицата со ретки болести. Марко измина 4 часа и 49 минути во водите на Охридското Езеро и мина 11 километри и 840 метри. Утре сите заедно да ја дадеме нашата поддршка, да придонесеме за подигнување на свеста за Лицата со Ретки болести и да бидеме НИЕ тие што ќе ја направат разликата, напишаа на официјалниот Facebook профил на Марко.

Марко минатата година за околу девет часа го преплива Охридското Езеро од Свети Наум до Охрид. Тој е најмладиот пливач, кој ја препливал таа делница, со што влезе меѓу легендите на пливачкиот маратон. Успехот на Марко е дотолку поголем што и самиот тој се соочува со здравствени проблеми, односно има доживеано инфаркт на коска на долните екстремитети.

За минатогодишниот подвиг Марко ја доби Свети Климентовата повелба – највисоко признание што го доделува Општина Охрид, како и „Златна Буба Мара на популарноста”.

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука