Охрид, 30. август 2019 (ОХРИДПРЕС) – Бевме подготвени за напади и обвинувања за кои тврдиме дека се без основа, вели за Фокус Тони, таткото на тринаесет годишниот Марко Пејчиновски, откако во повеќе медиуми и на социјалните мрежи повеќе лица изразија свои ставови околу оправданоста дете на негова возраст да плива толку долги релации.
Во јавноста најмногу се коментираше ставот на новинарот Милорад Стојмановски за „Слободен печат“:
– Дали министерката Мила Царовска, задолжена за социјална политика, наместо преку ФБ да го поддржува потфатот требаше да си го постави прашањето што лебди во воздухот: да не е малку многу 64 километри? Дали Пливачката федерација на (Северна) Македонија (ова во заградата е поради тоа што имаме две федерации, едната валидна според ФИНА и МОК, другата според АМС и Централниот регистар), која го поддржуваше маратонот, го знае правилото на ФИНА, чија членка е, дека минималната возраст за маратони од ДЕСЕТ километри е 14 години? – ја отвори дилемата Стојмановски.
Со свој став се јави и поранешната прославена македонска пливачка Наташа Мешковска, која на својот профил на Facebook упати сериозни критики по неколку основи:
– Почитувани пријатели, дали Марко можеше да плива 10 километри, за подигање на свеста? Кој одлучи дека треба да плива токму 64 километри? Кој е докторот кој даде одобрување за вакво нешто? Со кој памет Федерацијата го одобри и подржа настанот? Најдобронамерно, апел до родителите и тимот (ако воопшто го има), во иднина, консултирајте стручни лица пред да го ставите детскиот живот во опасност! Ако не им верувате на нашите, консултирајте било кој од фелата во регионот, напиша Мешковска.
Марко пред два дена се обиде да преплива 64 километри на патеката Охрид-Св.Наум-Струга-Охрид, за време на верскиот празник Богородица во Охрид.
Поради болки во ногата тој го прекина пливачкиот ултрамаратон по испливани 11 километри и 840 метри. Деновиве, по подвигот на Пејчиновски во повеќе медиуми и на социјалните мрежи се објавуваат тврдења дека на дете не смеело да му се дозволи да се впушти во таков исцрпувачки подвиг, кој можел да влијае лошо врз неговото здравје.
Во врска со обвинувањата, неговиот татко Тони за Фокус тврди дека доаѓаат од страна на неупатени лица, бидејќи на целиот настан му претходеле низа на подготовки, прегледи и консултации со стручни медицински лица.
– Марко помина добро на сите медицински тестови. Срцето во ред, крвта во ред, физичката кондиција во ред. Тој постојано беше под лекарски надзор, вели таткото на Марко. (Крај)
извор: Фокус/Слободен печат/ОхридПрес фото: архива