ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Локална самоуправа Охрид ТОП ВЕСТИ

Георгиески: Ќе се уриваат не само платформите, туку и дивоизградени тераси и објекти

Охрид, 6. септември 2019 (ОХРИДПРЕС) – Градоначалникот на Охрид Константин Георгиески денеска категоричен во изјавата дека изминат е периодот на преговори, договарања и молења со сопствениците на дивоградбите, најавувајќи дека активностите за нивно уривање се бројат со денови.

– Почетокот на акцијата за отстранување на бесправно изградените објекти се брои со денови. Апелирам до сите кои добиле решенија за остранување на објекти, независно дали се работи за платформи, тераси, бетонски бази и друг вид нелегално изградени објекти, не ден побрзо туку час поскоро да почнат сами да ги острануваат. Уривање во Охрид ќе има многу скоро, рече Георгиески.

По однос писмото од дел од угостителите упатено до надлежните институции во кое тие ретерираа од претходно најавените активности дека сами ќе ги отстранат платформите пред нивните објекти во езерото, градоначалникот им порача од утре да ги чекаат инспекторите со налог за инспекциски надзор и за целокупните објекти заедно со терасите, а не само на платформите.

– Инспекцискиот надзор на платоформите веќе е спроведен. Сега ќе добијат решение за отранување на само на платформите, туку и за објектите и за терасите, рече тој притоа појаснувајќи дека се работи за сите платформи на брегот на езерото, и тоа не само во градот туку и на плажите.

По однос на забелешките на угостителите дека треба да се најде начин за уредување на проблемот за нивните угостителски објекти, Георгиески вели дека решението ќе следи откако крајбрежјето на езерото ќе се врати во првобитна состојба.

– Има план за управување со тој дел, ќе видиме како сето ќе биде дефинирано, постојат важечки детални урбанистички планови и ќе постапуваме според плановите, а не како некому ќе му текне да поставува објекти низ градот, рече градоначалникот.

Георгиески уште додаде дека е готов инвентарот на бесправно изградени објекти по пописот предмети за кои било побарана легализација, а претходно е изготвен и регистарот на нелегално изградени објекти. Во тек е изработка на динамички план на сите објекти што се во активна зона на управување на Националниот парк „Галичица“, како и во крајбрежјето односно заштитениот појас, како и процес на евалуација на документацијата на тие објекти.

– Сите сопственици на такви објекти во периодот што следува уште еднаш писмено ќе бидат известени дека нивниот објект ќе биде отстранет. Им останува некој рок од уште десеттина дена да почнат тоа да го прават сами. Периодот на преговарање, договарање, молење заврши. Сите што имаат илегални објекти да почнат сами ден поскоро да ги отстрануваат затоа што кога ќе почнеме ние со акцијата, после отстранувањето на сопственикот ќе му биде доставен трошковник што предвидува покривање на трошоците не само за уривање, туку и за полициска асистенција и други работи, категоричен е Георгиески. (Крај)

извор: Тв Сител фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука

Слични објави