септември 6, 2019

Охрид, 6. септември 2019 (ОХРИДПРЕС) – В недела по традиција на Денот на македонската независност ќе се одржи 33-от Меѓународен охридски атлетски маратон.

Ќе се трча на патеката од Свети Наум до Охрид, во должина од 30 километри. Стартот е во 09:00 часот. По првпат ќе се реализира и штафетна трка во 3 делници од по 10 километри. Првата делница завршува во селото Трпејца, втората кај населбата Лагадин и третата делница завршува на целта кај Центарот за култура „Григор Прличев“.
Учество ќе земат околу 150 атлетичари од десетина земји.

Организаторите, Здружението Охридски атлетски маратон 2012 велат се подготвени за 33-то издание на традиционалната трка, но се децидни дека ова ќе биде последна трка организирана од нив доколку не добијат финансиска помош и поддршка од институциите.

– Како претседател на здружението најавувам дека овој маратон ќе биде последен организиран од наша страна. Можеби организацијата ќе ја преземе Атлетскиот клуб „Охрид“. Ние немаме веќе сила и ставаме точка. Не се потребни големи финансии, сите ресурси од спонзори ги исцрпивме, а не добиваме помош од градот и властите, вели претседателот на здружението и директор на трката, Пецо Неданов.

Стартот на трките е во 09:00 часот. Утре во спортската сала „Билјанини извори“ од 12:00 до 20:00 часот пријавените ќе може да ги подигнат стартните пакети.

Охридскиот атлетски маратон со меѓународен карактер, е еден од најстарите атлетски манифестации на нашите и пошироките простори. Маратонот, во континуитет се одржуваше од 1976 година до 1993 година. Оваа спортска манифестација започна од општински и прерасна во сојузен и меѓународен Атлетски маратон со постојан пораст на бројот на учесници кој се зголемуваше од 4 во 1976 година до рекордни 150 учесници во 2017 година.

Иницијативата за организирање на Охридскиот атлетски маратон, во 1976 година дојде од Живко Стојчевски, кој со помош од тогашната спортска асоцијација „Софка“ ја организирал атлетската трка со само 4 учесници од Охрид. Стојчески бил дел од маратонците и бил победник а до денес е најтрофејниот учесник на овој маратон. Охридскиот атлетски маратон, непречено се одржуваше до 1993 година и беше организиран на 7-ми ноември како спортски настан по повод ослободувањето на Охрид. После 10 годишна пауза, а по иницијатива на покојниот проф. Влатко Димитров и другите членови од сегашниот организационен одбор, во 2004-та година обновен е Охридскиот атлетски маратон со што се продолжи традицијата на оваа голема атлетска трка.

Повеќе податоци за историјата на овој маратон може да проследите на www.iamo.mk каде може да ја видите листата на победници по години како и галерија на слики од минатите настани. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука