ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

Георгиески: Проблемот со дивоградбите е процес кој може да трае и до две години

Охрид, 17. септември 2019 (ОХРИДПРЕС) – Проблемот со дивоградбите е процес кој ќе тече и во иднина и нивното отстранување може да трае и до две години, порача денес градоначалникот на Охрид, д-р Константин Георгиески.

Тој е дециден дека УНЕСКО не бара од нас да ги отстраниме сите бесправни објекти до први февруари и дека соодветните служби ќе делуваат во насока на почитување на законите и воведување ред во урбанистичката сфера, не само во однос на градењето, туку и во носењето на плановите.

– Ние имаме проблем со носење на урбанистички планови и затоа имаме проблем со диви градби и тоа треба систематски и студиозно да се решава затоа што сите знаеме дека тоа е проблем што е таложен децении наназад и не може ние со една акција во три дена, во пет дена во еден месец да го разрешиме. Законот за легализација ги има направено најголемите проблеми со дивоградбите во Охрид и тој закон ќе биде најголема пречка и во справувањето со нив. Општинските инспектори секојдневно се на терен и прават записници за дивоградбите. Во општината постојано има пет до осум пријави за бесправно градење. Но, тоа не значи дека сите се издржани, вели градоначалникот.

Тој информираше дека се регистрирани 409 предмети во општината, но голем дел од нив имаат поднесено барање за легализација и додека истите не се решат службите не можат да постапуваат.

– Тука има многу правни лавиринти така што од првиот ден не може резултатите да бидат спектакуларни, потенцира Георгиески. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: Општина Охрид

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука

Слични објави