септември 30, 2019

Охрид/Париз, 30. септември 2019 (ОХРИДПРЕС) – Денеска во Париз во седиштето на УНЕСКО, градоначалникот на Охрид Константин Георгиески ќе даде отчет за досегашниот напредок по однос на заблешките што ни ги даде светската организација во Баку, поради кои, ако не се исполнат Охрид може да се најде на Листата светско наследство во опасност.

– Ќе го презентираме првиот прогрес репорт. Проблемот со УНЕСКО во добар дел е поради досегашното немање комуникација со структурите и советодавните тела, информациите кои се таму презентирани претходно се од несоодветни извори. Ние имаме намера тоа да го смениме, да имаме перманентна комунокација со УНЕСКО за сите чекори кои ги преземаме благовремено да ги информораме, потенцира Георгиески.


На 43-та сесија на Комитетот за Светско Наследство што се одржа во Баку, Азербејџан, Охрид доби дополнителен рок до февруари 2020 година за да ги исполни препораките на УНЕСКО за Охридскиот регион дадени во 2017 година.
Во изминатиов период државата се откажа од изградбата на ски центар, екпсресен пат, туристички развојни зони во рамки на НП Галичица и го презеде управувањето со колекторскиот систем. Општина Охрид пак го донесе Акциски план со роковник за спроведување на препораките на УНЕСКО, изготви регистар на дивоградби, прогласи мораториум за градежни активности, а дел од угостителите почнаа сами да ги отстрануваат и платформите во Охридското Езеро.

На почетокот на месецов мешовита владина група предводена од министерот без ресор задолжен за дијаспора, Едмонд Адеми, одржа работни средби со градоначалниците на Охрид и Струга, на кои се разгледуваа работните верзии на Планот за управување со природно и културно наследство и Стратешка оценка на животната средина, два клучни процеси за долгорочна заштита на светското наследство.

Градоначалникот Георгиески е убеден дека на следната сесија на УНЕСКО во Кина, закажана за јуни 2020 година, Охрид воопшто нема да биде ни ставен на дневен ред да се разгледува статусот. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука