октомври 1, 2019

Охрид, 1. октомври 2019 (ОХРИДПРЕС) – Деновиве во јавноста е актуелно рушењето на дивоизградените платформи во самото езеро на неколку угостителски објекти на брегот од Охридското Eзеро.

Сакаме да појасниме: ова нема никаква врска со препораката бр. 9 од УНЕСКО за справување со дивоградбите во регионот, туку е еден скромен почеток на основно владеење на правото во областа на урбанизмот во општината, велат од невладината „Фронт 21/42“.

Ова е делумно рефлектирано во изјавата на Градоначалникот на Охрид по повод уривањето на платформите – и самиот потврдува дека ова е поместување од мртва точка, иако ние не го гледаме како значајно, но секако се согласуваме дека „конечно во Охридскиот регион мора да започне да се почитува правото и законот“. Секако го поздравуваме и гледаме како позитивен чекор секој пример на почитување на домашните закони од страна на властите (и локални и централни), истовремено сметаме дека земја која се смета за спремна да започне преговори за членство во Европската унија треба да има (и практикува) многу (многу!) повисоки критериуми во областа на основното владеење на правото.

Во однос на исполнувањето на препораката од УНЕСКО, кое не е започнато (барем според јавно достапните информации) има повеќе елементи кои сериозно не загрижуваат и повторно упатуваат на заклучокот дека ни по сесијата на Комитетот за светско наследство во Баку нема значајна промена во намерата на нашите власти да прикажат (и пред УНЕСКО и пред домашната јавност) посветеност кон зачувување на нашето најголемо природно и културно богатство, наместо навистина да се посветат на истото:

• Во Акциониот план на општините Охрид и Струга, Студиите за влијание на евидентираните дивоградби врз исклучителните универзални вредности на светското наследство се планираат дури во 2021 година! Нема никакви пречки овие постапки да започнат уште веднаш – актуелната власт имаше обврска да ја спроведе оваа мерка до декември 2018! Нема ниту една логична причина зошто клучната постапка во справувањето со дивоградбите се одлага на толку долг временски период. Се прашуваме дали некому му е потребен толку долг период за „кроење“ на Инвентарот на дивоградби кои ќе бидат предмет на овие Студии… Со оглед на фактот дека овие Студии ќе определат кои дивоградби ги нарушуваат вредностите и треба да се рушат (се разбира, доколку бидат стручно и независно изработени) – рушењето на дивоградбите од препораката на УНЕСКО можеме најрано да го очекуваме кон крајот на 2021/почетокот на 2022.

Општина Охрид: Се отстрануваат бесправно изградените објекти од „Ј’но“ до „Канео“

• Инвентарот е уште една причина за загриженост: во јавноста упорно се споменува бројка од „1076 дивоградби, од кои околу 400 во заштитениот појас“, се прашуваме кој дел од светското наследство нашите власти го сметаат за „незаштитен појас“ и врз основа на што? Границите на заштитениот појас/подрачје се јасно дефинирани во Законот за Охридскиот регион (и досието во УНЕСКО) и истите ги вклучуваат целосно општините Охрид и Струга и делумно општината Дебарца – ова се единствените граници кои го дефинираат заштитеното подрачје, нема други. Клучното прашање кое не мачи во врска со Инвентарот е дали во овие 1076 евидентирани дивоградби се наоѓаат дивоградбите кои актуелната власт ги легализира од 2017, со речиси три години свесно прекршување на итната мерка побарана од УНЕСКО („најдоцна до февруари 2018 државата итно да ја стопира легализацијата на дивоградби на територијата на доброто“). Во изјавата на Градоначалникот на Охрид препознаваме одговор на ова прашање кој не влева надеж дека навистина „значајно ќе се мрднеме од мртва точка“. Имено Георгиески јасно потенцира дека не можат да постапуваат не само за нелегалните градби кои оваа власт ги легализираше игнорирајќи го УНЕСКО, туку и за оние за кои се поднесени барања за легализација. За да ја спроведе оваа препорака навистина ќе му треба суштинска поддршка од централната власт, но тешко дека ќе ја добие од истите кои неколку месеци по добивањето на оригиналната препорака, наместо да го стопираат легализирањето го продолжија Законот за легализација. Клопчето во кое сите власти од осамостојувањето на Македонија до денес го заплеткаа највредното во државава е толку заплеткано, што само државник со многу поинакво размислување и пристап од сите до сега, ќе успее да го отплетка.

• И додека Охрид и Струга имаат барем напишана определба да ја спроведат оваа препорака во 2021-2022, Општина Дебрца нема ниту план, ниту намера да запре со легализациите на дивоградбите – од јули (кога се одржа сесијата на Комитетот во Баку) до денес општината легализира нови 25 дивоградби (можеби и повеќе, ова е од јавно достапните информации).

Да сумираме: на четири месеци до крајниот рок за исполнување на препораките, нашата земја не е ни блиску до суштинско посветување на нивно исполнување – во клучниот Закон за Охридскиот регион (за кој нашата делегација во Баку флагрантно излажа дека е усвоен) Владата прво измени дел од најважните членови (и тоа набргу по Баку и официјалната пофалба за земјава во последната Одлука токму за „усвојувањето на новиот Закон), па по острите реакции го повлече од собраниска процедура и од тогаш нема ни глас за истиот; одлуките за воведување мораториум на Охрид и Струга се внимателно скроени да дозволат продолжување на урбаната и крајбрежната трансформација, со делумно регулирање до 01.02.2019 година – што, исто како и актуелното рушење, нема врска со препораката на УНЕСКО; Стратешката оцена на влијанието врз животната средина за Планот за управување со регионот (за која исто така флагрантно излажаа во Баку дека се во тек консултациите со јавноста) ја нема ни на повидок; како стојат работите можеби ќе имаме План за управување со регионот пред да имаме нов Закон за управување со регионот, кој го дефинира Планот… се’ е наопаку и кристално јасно го покажува нивото на свеста на нашите авторитети за најголемото природно и културно богатство кое го имаме и чија заштита му ја должиме на светот и сите генерации после нас.

Вчера, во седиштето на УНЕСКО во Париз, наша делегација презентираше извештај за „напредокот“ во исполнувањето на препораките. Можеби повторно успеа да покаже колку е „сериозно посветена за разлика од претходната власт“. Вистинската состојба останува тажна, многу тажна. (Крај)

извор: „Фронт 21/42“ фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука