Избор Општина Дебрца Охрид ТОП ВЕСТИ

Претседателот Пендаровски денес ќе се обрати на големиот народен собир во Црвена Вода

Охрид, 3. октомври 2019 (ОХРИДПРЕС) – Пред Спомен домот, местото и објектот каде, во 1943 година, Главниот штаб на НОВ и ПО на Македонија, го објавија Манифестот до македонскиот народ за целите на анти-фашистичката војна, денес ќе се одржи голем народен собир, на кој ќе говори македонскиот претседател и врховен командант, Стево Пендаровски.

Овој ден, исто така, е поврзан со престојот на првата воена мисија на анти-фашистичката коалиција во Втората светска војна, што ќе биде одбележано со присуство на претставници на дипломатските мисии во Скопје. Англиската воена мисија при Главниот штаб на НОВ и ПО на Македонија, со мајорот Џон Квеин, била сместена во училишната зграда, сега Спомен дом. Општина Дебрца, 3-ти октомври, го одбележува и како свој патронен празник.

Покрај претседателот Пендаровски, најавено е, да се обратат: градоначалникот на општината, Зоран Ногачески, претседателот на Главниот одбор на Сојузот на борците од Народно-ослободителната антифашистичка војна на Македонија, д-р Никола Стојаноски, претседателот на Општинската организација на Сoјузот на борци за општините Охрид и Дебрца и потпретседател Главниот одбор, Гоце Георгиевски.

Пред Спомен обележјето, цвеќе ќе положат уште и делегации на Генералштабот на АРМ, на гарнизонот во Кичево, на општините Охрид и Дебрца, на боречките организации од Охрид, Дебрца, Струга и Кичево, на месната заедница во селото и други. Гостите ќе можат да ја разгледаат реконструираната зграда на Спомен домот, за што средства, во висина од 10 илјади евра, обезбеди општина Дебрца, заедно со Спомен собата на Главниотштаб на НОВ и ПО на Македонија, односно Спомен собата на Ванчо Николески, доаенот на македонското детско-младинско литературно творештво.

Наоѓајќи се суштински, веќе во НАТО, а чекајќи го формализирањето, на годинешната прослава, акцентот ќе биде ставен на воената соработка со сојузниците, најавува претседателот на Одборот за прослава, Веле Митаноски.

– Сега е извонредно погоден моментот да се потсетиме, односно, од нашето село, да се испратат пораки за историските корени на соработката со Сојузниците, сега водечки членки на НАТО. Исто така, пред добивањето на датум за преговори со ЕУ, добар е моментот да се нагласи историското заедништво на Македонците, Турците, Албанците, Власите и други заедници, започнато со Крушево 1903, а продолжено за време на Втората светска војна, токму на теренот на Црвена Вода и историска Дебрца, а што е нотирано во Манифестот, напоменува Митаноски. (Крај)

извор: Веле Митаноски фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука

Слични објави