Охрид, 7. октомври 2019 (ОХРИДПРЕС) – Од утре до идниот понеделник НУ Библиотека „Григор Прличев“– Охрид во Прличевата одаја во рамките на проектот „Роднокрајни автори родени во октомври“ ќе изложи дела од академик Миле Миќуновиќ и од Блаже Тренески, писател и поет и собирач на народни песни и обичаи.
Академик Миле Миќуновиќ во неговата докторска фела е познат по 400 научни и стручни трудови, 10 универзитетски книги над 50 колумни во дневен печат и стотина популарни статии напишани на веб порталот Доктори мк.
Зад него веќе има 105 книги а во нашата библиотека пред очите на јавноста деновиве ќе бидат изложени 15 книги објавени во последниве две години а на кои издавач е токму НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид.
Блаже Тренески е роден во село Врбјани, Дебрца Охридско во земјоделско – печалбарско семејство. Творечките почетоци на Блаже Тренески датираат од 1952 година кога му е објавена песната „Болна Неша“ во списанието „Народно здравје“. Истата година песната е презентирана во Здравствената народна читанка а во следната 1953 година во „Здрав народ“. Во архивата на нашата библиотека стои запишано дека творбите: „На овоштарникот на дедо ми“ и „Октомври, ветерот“ се објавени во 1990 и 1993 година во списанието Другарче. Тренески е познат и како собирач на народни песни од охрдискиот крај. Првата книга од оваа област ја издава во 1975 година „Подгорум село соборно“, во 1987 година излегува од печат книгата „Заѕвекоти ѓерданчето“. Во 1981 ја издава „Стојна ситноода“ а во 1984 година „Под сенка седат златари“. „До каде одат земја се тресит “ објавена е 1986 година. Збирките народни песни од охридскиот крај „Калина киска Невенова“ и „Пролетало мејче огноито“ се издадени во 1989 и 1993 година кај издавачот „Студентски збор“ – Скопје. За својата плодна собирачка дејност Блаже Тренески е добитник на Седмономевриската награда на град Охрид за книгата „Стојна ситноода“ во 1982 година. Творечкиот и животен пат на Блаже Тренески згаснува во Охрид на 1-ви мај 2015 година. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива