октомври 10, 2019

Охрид, 10. октомври 2019 (ОХРИДПРЕС) – Струшката фирма „Летница Белвица“ е новиот концесионер на Охридското Езеро и во следните шест години ќе стопанисува со рибниот фонд.

По повеќе од една година откако беше одземена дозволата на претходниот концесионер „Пастрмка 2012“, конечно беше избран концесионерот од седумте фирми кои се пријавиле на повикот што го распиша министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Фирмата „Летница – Белвица“ чиј сопственик Милорад Чавковски  беше одговорно лице на струшката подружница на претходниот концесионер „Пастрмка 2012“ даде највисока понуда за надомест за концесија во вкупен износ од 9,92 милиони денари или 161.340 евра за период од шест години, а за рекреативен риболов концесиски надомест од 100 отсто од вредноста на издадените дозволи за рекреативен риболов за период од шест години.

Изборот на концесионер е важен за поголема контрола на рибниот фонд, за да може инспекторатот да излезе на терен и да има увид во состојбите, изјави во Охрид ресорниот министер Трајан Димковски.

– Кога немавме концесионер состојбата сигурно беше полоша и имаше простор за рибокрадство. Сега знаеме каде да интервенираме доколку имаме пријава, инспекторатот знае кого да побара. Без концесионер не можевме да вршиме ниту порибување, така што во секој случај е подобро на овој начин кога има стопан, рече Димковски.

Договорот со новиот „газда“ на Езерото е веќе потпишан, а го зеде под концесија со изменета риболовна основа  и тоа во делот на утврдување на периодот на мрест, времето во кое е дозволен риболовот, намалени се количините на дозволен улов на охридска белвица и детално се уредени специфичните локации на мрест на рибите, особено за Охридската пастрмка, белвицата и крапот. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

 

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука