октомври 10, 2019

Охрид, 10. октомври 2019 (ОХРИДПРЕС) – Со свечена седница, денес, започна чествувањето на 11-ти Октомври – Денот на Народното востание.

На свеченоста свое пригодно обраќање имаше градоначалникот на Охрид, д-р Константин Георгиески, кој напомена дека овој ден е симбол на македонскиот непокор и слободарскиот дух.

– Во очи на големиот празник, денес одбележувме 78 години од четиригодишната народно-ослободителна борба на Македонскиот народ во Втората светска војна. Благодарение на пожртвуваноста на храбрите борци и на нивните идеали за слобода, денес, ние сме свои на своето. Наша определба и денес, е сигурно и недвосмислено да чекориме по заветот што ни го оставија, да продолжиме да се бориме за да ги одржиме темелите на слободна Република Македонија. Почнувајќи од 1893 година, од македонската историја исполнета со крв и саможртва, стана пример кој го следеа сите понатамошни македонски востанија и револуции. Темел врз кој се надградувале Илинден 1903, 11-ти Октомври 1941, АСНОМ 1944 и 8-ми септември 1991 – денот на прогласување на независноста. Нашата борба денес, е борбата за обезбедување подобар животен стандард, подобра инфраструктура, подобри услови во образованието, истакна градоначалникот Георгиески.

Свечената седница беше збогатена со културно уметничка програма. Чествувањата продолжуваат и утре со полагање на свежо цвеќе пред спомениците на борците од Народноослободителната војна. (Крај)

извор: Општина Охрид фото: Општина Охрид

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука