Охрид, 16. октомври 2019 (ОХРИДПРЕС) – Краткиот филм во режија на Антонио Вељаноски „И(с)згубени“, ќе биде прикажан на престижниот филмски фестивал во Сапоро, Јапонија, каде е избран во oфицијалната интернационална конкуренција.
– „И(с)згубени“ е филм за осаменоста, надежта и љубовта. Кога осамениот пензиониран лингвист Рудолф (77), оди во пошта, по пат е следен од едно куче од кое не може да се ослободи. Ова ќе доведе до целосна и неочекувана промена во неговиот живот. Главните улоги ги толкуваат: Јан Качер и Марие Дурнова, ко-сценарист на филмот е Алице Крајчирова, директор на фотографија е Владимир Димоски, музиката е на Игор Василев – Новоградска, а продуценти на филмот се Елена Станишева и Зоран Вељаноски- Летра, информираат од филмската екипа.
Ова е осми интернационален фестивал на кој ќе се прикажува филмот, по проекциите на Фастнет фестивал во Скал, Ирска и Лифт-ОФФ во Лондон, Англија. „И(с)згубени“ беше прикажан и на македонските фестивали во Скопје (Скопје Филм Фестивал), Струга (Дрим Шорт), Охрид (Бич Филм Фестивал), Тетово (Тетово Интернатионал Фестивал ОДА) и Манаки Битола.
Фестивалот во Сапоро започнува на 17-ти октомври. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива