Охрид, 16. октомври 2019 (ОХРИДПРЕС) – Ученици и наставници од ОУ „Ванчо Николески“ од Лескоец учествуваа во завршната фаза од проектот за меѓуетничка интеграција со партнер училиштето ООУ „Јунус Емре“ од Лисичани, општина Пласница.
Во заедничката средба која се одржа во селото Лисичани, учествуваа 50 ученици и 20 наставници. Учениците водени од тандем наставници учествуваа во географска, германска, биолошко-хемиска, македонско-турска, спортска и психолошка работилница за врсничко насилство. На работилниците учениците изработуваа хамери на македонски и турски јазик што ќе бидат изложени на ѕидовите во двете училишта. Беа изработени хамери за туризмот во Република Македонија, лековитите својства на растенијата, придавки на германски јазик, учтива комуникација во училиштето и хамери за спречување на врсничкото насилство. Учениците зедоа учество и во спортски натпревар во фудбал. Преку фер плеј игра учениците се натпреваруваа и другаруваа. Со одржаните работилници учениците ги збогатија своите знаења. Ја развија меѓусебната соработка и толеранција. Исто така преку непосредна интеракција ја подобрија тимската работа, ги намалија предрасудите и ги подобрија интерперсоналните односи помеѓу двата етникуми, информираат од ОУ „Ванчо Николески“.
Додаваат дека целта на овие средби е преку интерактивни работилници да се бришат меѓуетничките бариери кај учениците и да се промовира интеграција, толеранција. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива