Охрид, 17. октомври 2019 (ОХРИДПРЕС) – Петта победа во низа за ракометарите на Охрид. Синоќа на домашен терен во шестата рунда од Супер лигата ја совладаа екипата на Бутел од Скопје со резултат 24-22.
Двете полувремиња беа различни. Иако на пауза заминаа со израмнет резултат 13-13 сепак на победа на крајот се радуваа охридските ракометари. Речиси во текот на целиот натпревар „гладијаторите“ го контролираа водството, а скоро цело второ полувреме се играше гол за гол. За победата голем придонес имаше и навивачката група „Рибари“ и публиката во салата кои беа играч плус на теренот.
Најефикасен во нашиот состав беше Денис Тот со осум погодоци, зад него беа Филип Кривокапиќ со четири и Бобан Блажески со три, а беа забележани и неколку успешни интервенции на нашиот чувар на мрежата Јагош Брауновиќ.
Со оваа победа Охрид се искачи на втората позиција со 15 бодови и е само на бод разлика од лидерот на табелата Металург и од третопласираната екипа на Пролет.
Натпреварот со Бутел беше одлична подготовка за она што ги очекува ракометарите. Веќе в сабота го играат „езерското“ дерби на гости во Струга. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес