Охрид, 18. октомври 2019 (ОХРИДПРЕС) – Екипата на охридското Супер радио излезе со силна поддршка на лицата со мултипла склероза и беа дел од активностите кои се одржаа во текот на септември, златниот месец, посветен на лицата со оваа болест.
– Доколку сакате нешто да постигнете ќе најдете начин, во спротивно ќе најдете оправдување. Среќни сме што има исклучителни лица кои нивното време и активности во тек на златниот месец, септември, ги посветија на лицата со мултипла склероза. Благодарејќи на овие хумани луѓе кои ни даваат несебична поддршка успеавме да ги искачиме планинските врвови во нашата држава, да пловиме низ сините пространства на прекрасното Охридско Езеро, а најбитно да ја подигнеме јавната свест за мултиплата склероза, велат од Националното здружение за мултипла склероза.
Активнистот Жанко ЗШ Голабоски, дел од екипата на Супер радио, но и силен поддржувач на здружението, со бројни настани го крена гласот во знак на поддржка.
– Секој миг, секој час, секој ден е вистинско време за подигнување на општата свест за мултипла склерозата. Ние се бориме, но со помош на пријателите сме непобедливи. Ги искачуваме врвовите за лицата кои се борат со МС – мултипла склероза. Да ја подигнеме јавната свест за МС. Искачуваме, а во главата ми одѕвонуваат зборовите на Ана Карајанова-Димитрушева – Одете ги сите чекори за нас кои не можеме, вели Голабоски, кој испраќа голема благодарност до општествено одговорните компании кои ги помогнаа овие потфати – „Тамаро“ маркетите, такси „Мерцедес“, кафе бар Shilla, Мото центар „Амбасадор“ и Budzak Building.
Прочитајте подетално за сите настани каде се вееше знамето на Националното здружение за мултипла склероза, почнувајќи од првиот септемвриски ден. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива