Охрид, 22. октомври 2019 (ОХРИДПРЕС) – Во рамките на денешната 160-та редовна седница, македонската Влада денеска ја разгледа и усвои Информацијата за динамиката на реализација и плаќање на обврските за изградба на затворен пливачки базен во општина Охрид.
Со истата одлука, Владата ја задолжи Агенцијата за млади и спорт да предвиди затворениот пливачки базен да биде изграден заклучно со 31.12.2020 година.
Објектот започна да се гради во 2015 година, од страна на фирмата „Бауер БГ“ од Скопје. Првичниот договор предвидуваше овој спортски објект да биде завршен најдоцна до април 2018 година.
Инвеститор во спортскиот објект е Агенцијата за млади и спорт, којашто ги обезбедува финансиските средства во висина од околу 5.000.000 евра преку државниот буџет. Затворениот базен во Охрид е проект оставен како ветување за Охриѓани веќе неколку децении наназад.
Затворениот базен во Охрид ќе има едно базенско корито со димензии од 33×25 метри и стандардна длабочина од 2 метри и едно помало корито со димензии од 12,5х6,25 метри. Објектот ќе има трибински простор со капацитет од 500 гледачи. Во рамки на проектираната површина од 15.000 метри квадратни ќе бидат сместени фитнес клуб, спа и велнес центар, продавница за спортска опрема, ресторан, игротека и комерцијален простор. Објектот се гради во непосредна близина на спортскиот центар „Билјанини извори“. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива